ШТО СЀ ТРЕБА ДА ЗНАЕ ЕДЕН МЕНАЏЕР? Поуки за младите бизнисмени од менторот Ристо Јаневски

Не познавам менаџер кој се занимава само со креативната работа туку степенот на успешност со кој еден менаџер ја врши својата работа е секогаш во комбинација со неговата организираност да се справи и со останатите предизвици, вели д-р Ристо Јаневски, ментор на Програмата за развој на мали и средни бизниси.

1,715

Што сѐ треба да знае еден менаџер за да биде успешен во својот бизнис? Какви знаења, вештини и организациски способности му се потребни? Се косат ли менаџерските обврски со креативната работа? Како да се препознае бизнис идеја?

Сите овие одговори ќе ги добијат слушателите на предавањата во рамки на Програмата за мали и средни бизниси што ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања кој е еден од четирите совети неодамна формирани од Стопанската комора на Северна Македонија. Целта на овие нови коморски тела е да се отворат перспективи за иновации, знаења и развој на нови услуги и институции кои се од директна корист за компаниите. Обуката започнува на 9 декември а ќе трае до почетокот на јуни 2022 година. Предавачи се 30-тина реномирани претставници од бизнис секторот, академската и научната фела кои ќе пренесат практични искуства.






Осумте модули од оваа Програма треба да го поткрепат слушателот со една општа менаџерска култура која треба да ја има современиот менаџер. Слушателите ќе се стекнат со знаење и вештини потребни за секојдневното тековно работење на компанијата.

– Не познавам менаџер кој се занимава само со креативната работа туку степенот на успешност со кој еден менаџер ја врши својата работа е секогаш во комбинација со неговата организираност да се справи и со останатите предизвици – вели д-р Ристо Јаневски, ментор на Програмата за развој на мали и средни бизниси.

Јаневски е дипломиран електроинжинер на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој од 1994 година успешно ја гради својата професионална кариера во ОКТА АД Скопје. Работел како директор за логистика и услуга на клиенти, а денес е на позицијата директор за стратешко планирање и развој.

Работел на повеќе стратешки проекти: изградба на ТНГ инсталации на неколку бензиски станици, ребрендирање на повеќе од 30 приватни бензински станици со боите на ОКТА, чистење на нафтоводот и негова трансформација во продуктовод. Во последните неколку години работи на новиот проект во ОКТА – Концепт на дистрибуирано производство на електрична енергија од обновливи извори и снабдување на крајните потрошувачи.

Д-р Ристо Јаневски е дел од тимот на МАНУ за изработка на Стратегијата за развој во енергетиката на Република Македонија до 2030 година. Автор е на бројни публикации и преку 40 научни трудови во областа на енергетиката. Претседавач е на Собранието на Стопанска комора на Северна Македонија и е претседател е на Здружението за енергетика при Комората. Тој ги поканува сите заинтересирани компании да ги пријават своите кандидати и ветува неколкумесечно дружење со многу интересни содржини.

Г-дин Јаневски, Вие сте ментор и предавач на Програмата за развој на мали и средни бизниси на Советот за унапредување на високото образование при Стопанската комора на Македонија. Кои се најважните знаења и вештини кои треба да ги научат менаџерите на малите и средни бизниси за успешно да ги водат своите компании?

– Пред да ви одговорам на прашањето би сакал да дадам едно појаснување. Точно е дека името на програмата е: Програмата за развој на мали и средни бизниси, но тоа не значи дека оваа програма е наменета само за менаџерите од средните и малите претпријатија. Покоректно е да се каже дека малите и средните компании имаат помали средства наменети за дополнителна надградба на вештините на своите менаџери за разлика од поголемите компании. Вештините и знаењата што се предвидени со оваа програма се општо применливи за секој млад менаџер во која било компанија. Понудени се мултидисциплинарни знаења и вештини кои сигурно ќе им отворат на слушателите еден нов поглед кон успешното водење бизнис без разлика на областа во која се наоѓа бизнисот.

Има ли некаква специфика околу почнувањето бизнис денес во земјава? Многу мали фирми работат исклучиво за странство. Што е најважно за да се почне бизнис?

– Секој бизнис има своја специфика, но исто така различните бизниси имаат и заеднички карактеристики. Никогаш нема да најдете универзален калап по кој ќе го водите бизнисот, но во секој случај менаџментот на бизнисот заслужува најголемо внимание. За отпочнување нов бизнис секогаш играат улога повеќе фактори, но секако најважна е идејата и да се препознаат вистинските можности кои таа идеја ги нуди. Како да се препознае идејата е задачата што си ја поставивме со оваа програма. Низ повеќе различни модули ќе ги водиме слушателите на оваа програма за да се стекнат со апликативни знаења, професионални вештини и да се научат како да го користат искуството на оние кои веќе се докажале во своите бизнис средини. Без разлика дали работите во домашна или во странска компанија, основните финансиски, комерцијални и маркетинг правила важат секаде подеднакво.

Колкава улога во менаџирањето игра познавањето на законите, даночните обврски, прописите и сл.? Што сѐ треба да знае еден менаџер на компанија?

– Еден модерен менаџер безусловно треба да има познавање на законите, можеби не буквално на сите, но секако на оние кои се релевантни за неговиот бизнис. Тоа во голема мерка ќе му ја олесни неговата работа. Во денешно време постојат консултантски фирми кои помагаат во подлабокото толкување на прописите, но сепак работењето согласно даночните обврски и прописи е главен приоритет на секоја здрава компанија и современиот менаџер безусловно треба да има одредени познавања.

Може ли да се каже дека менаџерот на мал или среден бизнис во исто време треба да биде и сметководител, и административец, и креатор на бизнисот, и менаџер за човечки ресурси, и да се грижи за набавки и дистрибуција, маркетинг, односи со јавност, состаноци со клиенти, можеби и уште нешто…

– Замислете каков би бил тој менаџер ако не знае како да ги чита финансиските извештаи, ако не ги знае основните индикатори кои ја одредуваат финансиската стабилност на неговата компанија, ако не знае да ги препознае ризиците и предизвиците во неговиот бизнис сектор. Во нашата програма има осум модули кои едноставно речено му даваат на слушателот една општа менаџерска култура која треба да ја има современиот менаџер. Исто така, во програмата се опфатени современи модели за развојното менаџирање, како да се обезбеди солидно финансирање преку различни форми на кредити и грантови кај финансиските институции. Во еден од модулите слушателите ќе се запознаат со новите технологии, неизбежните обновливи извори и рециклирачката економија кои секако можат да бидат патоказ за еден успешен менаџер како да ја обезбеди потребната енергија за неговиот бизнис која од друга страна ќе му донесе поголема енергетска ефикасност и поголеми заштеди на неговиот капитал. Примената на дизајнот, промоцијата и маркетингот исто така ќе бидат застапени и нашата цел ќе биде да се објасни начинот како да се допре до целните купувачи и со кои методи да се претстави релевантниот бизнис.

Колку сите овие обврски му одземаат време и внимание на менаџерот и влијаат врз неговиот придонес во основната работа на фирмата? И како да се поделат обврските во една мала фирма?

– По дефиниција менаџерот треба да биде високо организирана личност. Нашата определба со оваа програма е да им помогнеме на оваа целна група да ги гледаат работите и обврските од еден поинаков агол. Сигурни сме дека сите знаења, искуства и вештини кои слушателите ќе ги добијат во месеците кои следат ќе ги мотивираат кон еден покомплексен пристап кон нивната бизнис околина.

Како Вие се справувате со сите овие предизвици што ги носи менаџирањето? Колку време Ви останува за основната, креативната работа?

– Јас сум ја имал привилегијата да работам во меѓународна корпорација која многу инвестира во надградбата на својот менаџерски кадар. Низ годините тоа биле најразлични специјализирани курсеви во делокругот на маркетингот, финансиите, припремата на бизнис планови, техники на преговарање со клиенти и други специјалистички курсеви. Како одговор на Вашето прашање можам да кажам дека не познавам менаџер кој се занимава само со креативната работа туку степенот на успешност со кој еден менаџер ја врши својата работа е секогаш во комбинација со неговата организираност да се справи и со останатите предизвици. Затоа акцентот на оваа програма го ставаме во делот на стекнување на повеќе потребни знаења и вештини кои во голема мерка ја подигнуваат организациската моќ на менаџерот.

Што Ве мотивира да одите напред и кога има пречки во кариерата и што би им порачале на младите кои се на прагот да почнат свои бизниси?

– Пречките и ризиците се составен дел на бизнисот, но она што мене ме мотивира се предизвиците кои ги носи моето бизнис секојдневие. Ниеден бизнис не може да биде имун на промени затоа тоа треба едноставно да се прифати и да се бараат нови и подобри решенија соодветни на тековните промени. Сметам дека прифаќањето на промените и предизвиците е првиот чекор кон успешно продолжување на бизнисот. Во секоја промена без разлика дали е добра или лоша секогаш постои нова можност која може да донесе бенефит за вашата компанија.

Што ќе им понудите на слушателите на оваа Програма?

– Напорно работевме со колегите од Стопанската комора, претставници од бизнис секторот, претставници од универзитетите и другите институции да ја направиме оваа Програма. Сметам дека слушателите ќе бидат задоволни од предавачите и темите што ќе им ги презентираат. Се потрудивме да донесеме квалитетни предавачи со големо искуство кои се дел од многу успешни компании и институции. Нашата определба е оваа пилот програма да не биде за еднократна употреба, туку во иднина да се акредитира и во наредните години да продолжи со вклучување на поголем број слушатели. Ги поканувам сите заинтересирани компании да ги пријават своите кандидати и можам да им ветам дека ќе имаат неколкумесечно дружење со многу интересни содржини.

Поврзани содржини