Што „разбира“ вицепремиерката?
И што ако целата влада сега започне да ни покажува „разбирање“ и ни пружа „утеха“? Па нели за тоа постојат други „инстанци“ – психолози, психијатри, свештеници…? Или овие сега ќе ги глумат и нив?
Кога вицепремиерката Грковска вели дека разбира зошто се повлекле седумте невладини организации од работните групи за подготовка на Кривичниот законик и Законот за конфискација на имотот, што всушност сака да каже? Дека разбира дека тие закони се криминални, како впрочем и целото досегашно однесување на оваа власт? Дека ги „разбира“ младите кои не секаат да бидат дел од такво гангстерско работење во полза на една коруптивна партиска врхушка? Разбира дека власта, и таа со неа, низ такви подли потези, се амнестира себеси?
Не така одамна, истата персона искажа „разбирање“ и за гневот на граѓаните заради вулгарниот грабеж преку зголемувањето на функцинерски плати за цели 78%. Дали и тоа „разбирање“ значеше признание за таквото крајно безобразно, автократско и простачко однесување? И ако сето тоа го „разбира“ вицепремиерката, зошто не се повлече од таа влада?
И дали таа – сега и овде и по којзнае кој пат – глуми милосрдна сестра која мисли дека ни пружа некакво разбирање, па и утеха? И дали ние го баравме тоа од неа, тоа нејзино лицемерно „разбирање“ и таа нејзина безобразна „утеха“? Впрочем, како што веќе реков, тоа е нејзина веќе одглумена ролја бидејќи еднакво лицемерно се пренемагаше и за оние 78 проценти. И таа, и оној Пендаровски и редица други. И? Што се случи, ги вратија криминално присвоените пари, ургираа ултимативно за итно изготвување на соодветно законско решение за проблемот…? И? Каде е истото? Или веќе воопшто во тоа не гледаат проблем?!
Сега можеби сметаат дека ги заслужиле? Со што? И таа, и Пендаровски и сите останати?
И дали (дел од) македонските граѓани гласаа за нејзината партија, што ќе рече и за неа, заради нивните милосрдна „утеха“ и христијанско „разбирање“ или заради ветувањата за подобар живот, за правда, за демократија…? Каде, по ѓаволите, отидоа тие ветувања или само мазно ги трансформираа во општ партиски грабеж? И нели е токму таа вицепремиер за добро владеење и не треба ли да каже збор-два и за тоа? Нејзиното „разбирање“ и нејзината „утеха“ ли се формата на тоа добро владеење?
Дали вицепремиерката сега ќе покаже „разбирање“, а можеби ќе им пружи и „утеха“ и на оние македонски граѓани кои беа спречени да пристапат до Могилата на непобедените во Прилеп и да се поклонат пред антифашистичките херои бидејќи таму беа нејзините партиски пајташи кои не смеат да се соочат со народот? А ќе го „разбере“ веројатно и револтот на македонските граѓани што во контекстот на прославата на 11 Октомври нејзината влада не смееше да изусти Македонија и македонски народ, македонски отпор… итн.?
И што ако целата влада сега започне да ни покажува „разбирање“ и ни пружа „утеха“? Па нели за тоа постојат други „инстанци“ – психолози, психијатри, свештеници…? Или овие сега ќе ги глумат и нив? Впрочем, и другиот вицепремиер, оној за економски прашања, очигледно покажува разбирање за криминалецон во Будимпешта и му нуди ублажување на казната. Во чие име? И пензионерон ли, кој уште држи водечко место во Јавното обвинителство, има разбирање за сите криминалци од власта во државава па ги остава и понатаму да крадат? Такво ли „разбирање“ сега ни нуди оваа власт? И што ние би правеле со тоа?
Всушност, генералниот проблем со оваа власт не лежи во нивното „разбирање“ туку токму во спротивното – во нивното неразбирање на работата за којашто се (пре)платени, неразбирањето на состојбите во државава, неразбирањето на зборот демократија, на расположението на граѓаните, на глупоста на нивните „политики“ итн. Врз своето неразбирање и „утеха“ што сега ни ја нуди вицепремиерката тие изградија дивина од лаги, држава ни на небо ни на земја во којашто царуваат неспособни политиканти.
Па слушајте го, по ѓаволите, аматерон-актер како кочоперно глуми на „јавна сцена“: „Па вратен ли е Груевски со измените на КЗ?“, „Го имате ли негде видено Груевски во Скопје?“. И видете го лицето на Трајковска со какво запрепастување и неверица гледа во него! И ние тој дилетант го викаме претседател на држава и го плаќаме цели три илјади евра, секој месец!?
Владејачкиот Минхаузеновски круг на лаги, глума и манипулации настојчиво продолжува да ја замаглува македонската реалност односно се обидува да ни ја презентира нивната лага не само како вистина, туку и како доблест. Впрочем, на граѓанинот веќе не му требат ни опозицијата ниту пак медиумите за докрај да го согледа вистинското лице на власта и нејзините махинации, особено овие со евроинтеграциите.
Кај граѓанинот веќе не поминуваат задоцнетите признанија на „министерот“ за надворешни работи, или реторичките егзибиции на човечено кое глуми претседател на државата, на „антикомунистичкиот“ премиер и останатите приучени „министри“… итн. Па ни признанието на ексминистерот за здравство дека тој „не знаел“ за КАТО системот на Онкологија! И зошто вицепремиерката не праша како тогаш тој воопшто станал министер? И за ова ли таа има разбирање? Нивното вистинско лице денес се синџирите на рацете на аутистични деца, Онкологија и оној тотален распад на здравствениот систем во земјата, инфлацијата, ценовните електрошоковите итн. Ќе нѐ утеши ли и за тоа „разбирањето“ на вицепремиерката?
Но проблемот со разбирањето не е само нивни туку е и наш, на македонскиот граѓанин. Односно многу повеќе наш отколку нивни. Зашто, конечно, македонската агонија не продолжува за нив туку – за нас. Економистите велат дека повеќе од половина милион граѓани живеат во сиромаштија. Останатите, денес, се движат по нејзините рабови. Прогнозите за утре се уште пострашни.
И тоа е нивно дело, на овие кои кога се стрчаа по фотелјите опинците им ѕиркаа од џебовите. Видете ги сега со нивните 2-3 илјади евра месечно, со провизиите и наместените тендери, со семејните бизниси! Затоа и итното носење на новиот Казнен законик не е воопшто случајност, а во наредните месеци ќе следат и други „мерки за спас“.
А ние, утешените, ќе имаме разбирање, нели?