Што претставува отровот новичок – опасен е и за атентаторите!
Во интеракција со воздух и со влага се распаѓа, а покрај тоа може да се измие со вода, вели токсикологот Карлин.
Рускиот опозициски политичар, Алексеј Навални, бил отруен со хемиски нервен отров што е утврдено во специјална лабораторија на барање на универзитетската болница Шарите. Портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт, нагласи дека нема сомнение оти станува збор за супстанца од т.н. „новичок група“.
– Запрепастувачки е дека Алексеј Навални во Русија бил жртва на напад со хемиски нервен отров – изјави Зајберт по состанокот со канцеларката Ангела Меркел и со повеќе министри од германската влада од каде е упатена остра осуда за нападот.
Како делува новичок?
Новичок предизвикува верижна протеинска реакција која може да доведе до брза смрт. Тој го блокира производството на ензимот холинестераза. Холинестеразата е важна во метаболизмот за разградување на неуротрансмитерот ацетилхолин. Тој има важна улога при будење или за одржување на внимание. Доколку тој не се разградува доведува до „бомбадрирање“ на нервниот систем со дразнења.
Патеките за сигнали стануваат преоптоварени и почнуваат да дивеат. Информациите на нервниот систем во тој случај удираат на ткивата, мускулите и органите, доаѓа до засилено лачење на плунка и се јавуваат проблеми со дишење, бидејќи жртвата не може повеќе да ја контролира сопствената дишна мускулатура. Парализата и грчевите може да доведат до смрт, ако труењето продолжи.
Што можат да направат лекарите?
Лекарите најпрво треба да спречат пациентот да се задуши поради грчеви во мускулите и дишната мускулатура. Затоа Навални веднаш бил интубиран и ставен на вештачка вентилација. Како противотров се дава атропин, алкалоид кој ги презема ацетилхолинските рецептори на клетките и го ослабува „бомбардирањето“ на ацетилхолин.
Третманот мора да продолжи сè додека холинестеразата не почне повторно да функционира. Затоа, во такви случаи, лекарите даваат и активна состојка пралидоксим за да провоцираат производство на холинестераза.
Од каде потекнува отровот?
Иако името „новичок“ сугерира на нешто ново, сепак, тој отров не е нов. Го развиле советските хемичари во текот на 70-те и 80-те години од минатиот век. Станува збор за цела група нервни отрови што се обединети под името „новичок“. Сите имаат органофосфорно јадро, слично како и многу инсектициди.
Новичок-5 и Новичок-7 важат за отрови кои се осумкратно поотровни од воeниот VX, кој е еден од најопасните отрови во светот. Во широко распространетото семејство, новичок постои во повеќе од стотина варијанти.
Производство под цивилна закрила
За некои од помалку опасните соединенија е пишувано на долго и широко во стручните списанија уште во ерата на СССР, како на пример за органофосфатните инсектициди. Тоа тогаш очигледно било обид воените истражувања да се прикријат со цивилна истражувачка програма.
Но, тука не е крајот за измамата. Дури и состојките на самото хемиско оружје се претставени како нормални хемикалии пред меѓународната заедница.
– Советскиот Сојуз произведуваше новичок соединенија за да ја заобиколи Конвенцијата за хемиско вооружување – вели за „Дојче Веле“, Мишел Карлин, токсиколог од универзитетот Нортамбри во Њукасл, Велика Британија.
Трикот кој го користат хемичарите е следен – тие произведуваат две компоненти во форма на ултрафин прав. Тие компоненти не се нималку или се малку отровни и во тоа време никаде не биле забранети.
– Сѐ додека хемичарите поединечно произведуваа неотровни компоненти, тоа не беше нелегално. Но, стана нелегално при нивното мешање – додава Карлин.
Меѓутоа, оттогаш ситуацијата се смени. Според актуелната Конвенција за хемиско вооружување, забранети се и поединечните компоненти, а новичок хемијата во светот сè уште е малку позната.
Неконтролираните нервни сигнали водат кон смрт
Не е едноставно да се утврди кои новичок соединенија се користат при труење со нервен отров. Така, нејасно е кои новичок соединенија се користеле во 2018 година за труење на двојниот агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка, иако дејството на тие отрови им е добро познато на лекарите.
Со оглед дека новичок соединенијата се значително посилни од другите познати нервни отрови, доволни се мали количини и малку време за да се нанесе штета.
Не е безопасен ниту за атентаторите
Кога новичок ќе влезе во надворешниот свет, тој претставува опасност само во ограничен временски период.
– Во интеракција со воздух и со влага се распаѓа, а покрај тоа може да се измие со вода – вели Карлин.
И атентаторите кои го користат тој отров, сепак, се изложуваат на прилично висок ризик. Секако дека е полесно да се ракува со две нетоксични супстанци, но во моментот кога тие ќе се измешааат, може да настане проблем, додава токсикологот Карлин.
Извор: Дојче Веле