ШТО ПОКАЖУВААТ РЕЗУЛТАТИТЕ НА БИТКАТА ЗА СОВЕТИТЕ? Апсолутен триумф на ВМРО-ДПМНЕ, катастрофа на СДСМ, а Левица сепак не е водечка опозициска партија

За разлика од претходните избори, кога победничката ВМРО-ДПМНЕ освои само 50.000 гласа повеќе во битката за општинските совети, сега таа разлика е огромни 176.000 гласа. СДСМ доживеа катастрофа, но сепак има двојно повеќе гласови од Левица, која ја добила поддршката под 58.000 избирачи, а се фали дека е водечка опозициска партија.

3,040

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија на вчерашните локални избори е апсолутен победник и во трката за општинските совети. Партијата освои 301.000 гласови за советничките листи.

За споредба, на претходните локални избори коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 288.000 гласови на советничките листи.






СДСМ во битката за општинските совети освои само 125.000 гласови, речиси неверојатни 176.000 гласови помалку од владејачката партија. За споредба, на претходните локални избори, кога советничките листи добија поддршка од околу 238.000 избирачи, таа разлика беше „само“ околу 50.000 гласови.

Со други зборови, губитничкото салдо на СДСМ се зголемило за повеќе од 125.000 гласови, податок што ја покажува тежината на поразот на Бихаќка.

Коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, добила нешто повеќе од 114.000 гласа за советнички листи. Разликата во однос на коалицијата Вреди, која освоила 92.000 гласови, е 22.000 гласови, далеклу од доволно да се прогласи убедлива победа на ДУИ во битката за советите, особено по лошиот резултат на кандидатите на Али Ахмети за градоначалници.

Партијата Левица освоиле околу 58.000 гласови во битката за советите. Тоа е двојно помалку од СДСМ и не го оправдува тврдењето на Димитар Апасиев дека Левица станала водечка опозициска партија во Македонија.

Советничките листи на ЗНАМ ја добиле поддршката од 39.000 избирачи, што е солиден резултат. За разлика од коалицијата ГРОМ – ЛДП, на чие конто се слеале околу 13.000 гласови.

Ако се соберат резултатите од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, добиваме резултат од 432.000 гласови, што говори дека и битката за советнички мандати на локалните избори покажува дека Македонија има стабилна влада.

Поврзани содржини