ШТО НОСАТ НОВИТЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДДВ? Новина се даночните застапници и вредносните ваучери
Законодавецот појаснува дека измените се вршат поради потребата од прецизирање и појаснување на одредени одребди, но и за да се овозможи спроведување на одредени мерки пропишани во Програмата за работа на Владата.
Воведување на вредносни ваучери во прометот на добра и услуги како и даночни застапници на странските компании кои немаат претставништво во земјава се дел од новините што ги носат новите измени на Законот за данок на додадена вредност кој од почетокот на месецов е поставен на електронскиот систем на прописи ЕНЕР.
Покрај ова со новите измени се зголемува прагот за задолжителна регистрација за ДДВ од 2 на 3 милиони денари, се пропишува ослободување од данок на додадена вредност при увоз на природен гас и електрична енергија преку систем за пренос, а се утврдува и даночната основица при промет извршен при јавно наддавање и увоз на употребувани моторни возила.
Законодавецот појаснува дека измените се вршат поради потребата од прецизирање и појаснување на одредени одребди, но и за да се овозможи спроведување на одредени мерки пропишани во Програмата за работа на Владата.
Една од главните новини се вредносните ваучери кои во прометот ќе се користат како надоместок или дел од надоместок за извршениот промет на добра или услуги кои можат да ги даваат компниите кои ги издале или кои во име на друга компанија ги издаваат во прометот.
Вредносните ваучери можат да бидат издадени во физичка и електронска форма и се еднонаменски и повеќенаменски.
„Еднонаменски вредносен ваучер се смета за вредносен ваучер за кој место на промет на добрата, односно место на промет на услугите, на кои се однесува вредносниот ваучер, како и износот на данок на додадена вредност кој треба да се пресмета и плати за прометот на тие добра и услуги е познат во времето на издавање на вредносниот ваучер“, вели законодавецот.
За вредносен ваучер не се смета ваучерот кој трговските капацитети им ги даваат на потрошувачите за користење на попусти со кои не е вклучено правото на купување на добра или услуги како и билетите за превоз, влезниците и поштенски марки.
Законодавецот ги утврдува и случаите кога во прометот со вредносни ваучери се пресметува ДДВ. Кај еднонаменските ваучери тоа е во случај кога:
„Преносот на еднонаменскиот ваучер го извршил даночен обврзник во име на друг даночен обврзник на кој се однесува вредносниот ваучер, тој пренос се смета за промет на добра, односно промет на услуги извршен од страна на даночниот обврзник во чие име е извршен преносот на еднонаменскиот ваучер“, стои во законските измени.
Кај повеќенаменскиот ваучер одданочувањето се врши во услови кога со него е извршен вистински промет:
„Вистинскиот промет на добра, односно промет на услуги во замена за повеќенаменски вредносен ваучер, прифатен од вршителот на прометот на добрата односно прометот на услугите, како надоместок или дел од надоместок за тој промет, подлежи на одданочување со данок на додадена вредност во согласност со овој закон, додека секој претходен пренос на тој повеќенаменски ваучер не подлежи на оданочување со данок на додадена вредност. Доколку преносот на повеќенаменскиот ваучер го изврши даночен обврзник кој не е вистинскиот вршител на прометот на добра се смета дека даночниот обврзник кој го извршил преносот на повеќенаменскиот ваучер врши услуги на дистрибуција, реклама или други услуги што се оданочуваат со данок на додадена вредност во согласност со овој закон“ стои во измените на Законот.
Со стапувањето во сила на овие законски измени секое странско лице кое нема седиште, ниту подружница во земјава, а кое врши промет на добра и услуги кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност има обврска да се пријави за целите на данокот на додадена вредност и да назначи даночен застапник.
Даночниот застапник може да биде назначен доколку е регистриран за цели на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред поднесување на барањето за назначување на даночен застапник, на денот на поднесување на барањето нема доспеани а неплатени даночни обврски и кај правно лице да не е вовезапочната стечајна или ликвидациска постапка или кај физичко лице да не е правосилно осудено за кривично дело
Даночниот застапник солидарно гарантира за данокот на додадена вредност кој го должи странското лице.
Со измените се доуредува и прометот со енергенси и ослободувањето од данок на увозниците на енергенси како и утврдувањето на основицата за оданочување при прометот извршен при јавно наддавање (лицитација) и при промет и увоз на половни возила.
„За прометот остварен по пат на лицитација, даночна основа претставува постигнатата крајна цена намалена за ДДВ, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка. Исклучок од ова е првиот и секој понатамошен промет со увезени половни патнички моторни возила во рок од 3 години од денот на увозот, даночната основа не може да биде пониска од вредноста што ја одредил надлежниот царински орган„, се наведува во измените на законот.
При преносот на движен и недвижен имот во постапка за присилна наплата и во постапка за присилно извршување, даночна основа претставува постигнатата крајна цена намалена за данокот на додадена вредност, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка. Овој став не се применува во случај кога доверителот се стекнува со движнниот или недвижниот имот во постапката на присилна наплата и во постапката за присилно извршување.
Законодавецот подетално го дефинира и поимот место на промет и услуга за полесно да може да се утврди кој треба да го плати данокот на додадена вредност.
Со имените на законот како услуги кои подлежат на данокот се наведуаат и телекомуникациските и сите електронски услуги.
Па така, под телекомуникациски услуги се подразбираат услугите што се однесуваат на пренос, емитување или примање на сигнали, зборови, слики и звуци или информации од која било природа преку врска, радио, оптички или други електромагнетни системи, вклучувајќи го и поврзаниот пренос или доделување на правото да се искористи капацитетот за таков пренос, емисија или прием, со вклучување на обезбедувањето пристап до глобалните информативни мрежи.
Услуги извршени по електронски пат, пак, се тие кои се однесуваат на изработка на веб-страници, веб-хостинг, одржување на програми и опрема на далечина, софтвер и негово ажурирање, слики, текст и информации и ставање на располагање на бази на податоци, музика, филмови и игри, вклучувајќи игри на среќа, како и политички, културни, уметнички, спортски, научни и забавни емитувања и настани, настава на далечина.
Според планираното, дел од изменетите одредби од Законот за ДДВ треба да почнат да се применуваат од јануари следната година, дел од втората половина на следната година, а еден дел во 2023 година.