Немам намера да кажам дека „историските“ гаранции на г-дин Шојле не се (можеби) искажани со добра намера или дека не звучат оптимистички. Никако, зашто премиерот на една Германија не е профил на балкански политичар да се служи со таков тип лаги. Иако, за волја на вистината, вакви гаранции се изнаслушавме низ годиниве. А ако човек сака да биде малициозен, мислам дека неговата гаранција е некако изнасилена, можеби „изнудена“, само колку да се примират актуелните страсти во Македонија. Или, некој би рекол – таквите „гаранции“ се без основа бидејќи Германија не е единствената што решава за тоа!
Се разбира, премиерот Шојле (и) тоа го знае, но сепак – гарантира. Но, не требаше ли ваквите гаранции, или „гаранции“, да се појават малку порано? Не само за да ги смират страстите туку да го убедат македонскиот граѓанин дека Европа мисли сериозно? Односно, да нѐ разубедат нас македонските скептици дека целиот овој процес не е само еден добро режиран театар? Зашто ние за тоа имаме цела низа аргументи собирани низ годиниве, а посебно последниве пет-шест.
Впрочем, демант на воскликот на Шојле, но и на изјавите на неговиот „шеф“ Борел, веднаш дојде од познати фигуринки од источната страна на граница. И со право, се осмелувам да речам. Но не и да пресудувам. Тоа ќе си го прават дотичните кои ја засолија оваа политикантска ЕУ попара, во рамките на нивната домашна кујна.
Но, што за Македонија значат таквиот тип на „гаранции“? Повторно се осмелувам да кажам – ништо. Но не го велам ова со којзнае каков „ќеф“, напротив. Меѓутоа, не можам да разберам дали европските лидери, а особено нивните политички советници, се навистина такви игноранти и не го знаат расположението на граѓаните во дотичните земји што речиси секојдневно ги „мапираат“ во нивните канцеларии? Секој малку поупатен во „македонското прашање“ во однос на евроинтеграциите би им порачал: ајде не се глупирајте со такви „ветувања“!
Зошто? Па веќе половина топ ЕУ официозуси (фон дер Лајен, Борел, Мишел) и уште неколку европски премиери и претседатели на држави ни праќаа такви „гаранции“. И? Затоа што тоа се само празни флоскули што треба(ше) да премостат една закатанчена „ситуација“ и повеќе се насочени кон разрешување на нивните локални проблеми со Западен Балкан отколку што се некаков израз на симпатии или помош на нашето европриклучување. А сепак, што велат старите, дај боже тоа што го говори премиерот Шојле да биде реалност. Меѓутоа, вистинското прашање за македонскиот граѓанин е: колку тоа – „гаранциите“ на Шојле! – ќе ја подобрат неговата реалност, неговото секојдневие и иднината на неговите деца, дали тие гаранции, или „гаранции“ (ако баш сакате), ќе го збришат криминалот и корупцијата од македонската политичка сцена, ќе ги пратат во историјата, онаа црната, овие неспособни коруптивни „елити“ и ќе дозволат раскрилување на демократските и вистинските евроинтегративни процеси во оваа земја.
Тоа се вистински гаранции за една земја од типот на Македонија, за една корумпирана до срж држава што сака да стане членка на Европската Унија, земја каде владеат криминални банди со политички маски врз лицата. Но ова сепак не е куклен или „жив театар“, а тоа на г-дин Шојле, и не само нему, речито му го објаснува австрискиот амбасадор во Скопје, г-дин Вуцас. Па белки германските советници на премиерот Шојле читаат весници, портали, добиваат информации од нивната амбасада во Скопје…?
Она што еден премиер од форматот на Шојле треба, па и мора, да го гарантира на земја кандидат за членство во ЕУ како Македонија е, прво, дека ЕУ, но и Германија, нема да поддржуваат криминални банди маскирани во политички партии што инсталираат хаос во оваа држава. Тоа би била вистинска гаранција за македонскиот граѓанин дека ЕУ сериозно се грижи за состојбите во оваа земја и настојува истите да ги оптимизира според стандардите на Унијата.
А во таа насока, тие и такви гаранции би требало да значат дека во Македонија повеќе нема да дивеат полуписмени политиканти аминувани токму од ЕУ и САД, дека земјата нема да биде заложник на неколку криминални семејства кои спроведуваат свои партократски „политики“, дека на државата нема да ѝ се наметнуваат нови „Бехтел и Енка“ злосторнички договори, дека некој во ЕУ сериозно ќе се грижи каде и во чии џебови одат оние силни стотици милиони евра дадени како помош за развојот на демократијата, судството и граѓанското општество, дека премиерите нема со државни пари да тераат семејни бизниси а нивни деца и внуци да ја купуваат половина држава итн. А впрочем и дека во Македонија живеат Македонци а не Северномакедонци, како што нѐ нарекуваа некои во Бундестагот!
Тоа се гаранции што му требаат на македонскиот граѓанин од такви високопрофилни ЕУ политичари, тоа се поважните, виталните интереси за оваа земја удавена во криминална, неспособна власт, коруптивно судство и администрација, а не некакви про форма „резолуции“ за јазикот и идентитетот кои не служат никому и за ништо. Зарем една Германија навистина мислеше дека таа „резолуција“ нешто ќе промени во односите со источниот сосед? Просто неверојатна наивност!
Кога една Германија, па и г-дин Шојле со неа, навистина би биле загрижени за евроинтегративниот пат на Македонија кон Европската Унија, тие би покажале сериозна грижа за слободата на македонскиот граѓанин во неговата земја: слобода да биде тоа што е, слобода од ограничувањата на криминалното општество, слобода на избор, слобода од сите видови мафии (политичка, градежна, здравствена, културна, образовна, економска…) што владеат со него. Таквата грижа и таквите гаранции би претставувале вистински пресврт во односот и почитта на македонскиот граѓанин кон ЕУ.
Не случајно ја спомнувам слободата како највисок човеков идеал и право зашто македонското општество (повторно) станува опресивно, рестриктивно и заробено од партократијата. И, да го парафразирам Жан Жак Русо, денес граѓанинот во Македонија е заробен во ментални ланци – во дефетизам, апатија, социјални неправди, неверување во можна подобра иднина… Чувството на немоќ да се променат состојбите е перманентно и станува генерално!
Да, тој што ќе рече дека сето ова не е работа на Унијата, уште помалку на премиерот на Германија, или на Франција, или на Холандија…, ќе биде само делумно во право. Само делумно зашто нивната поддршка на оваа и ваква власт, па и на претходната – цели 11 години глумеа дека не знаат што се случува во Македонија, а истиот театар го играат и сега! – значи поддршка и на нивните опресивни политики контра македонскиот граѓанин. А тоа значи и директна нивна одговорност за состојбите во оваа држава. Тој факт не се брише со некакви смешни резолуции или вербални гаранции.
П.С.
На „гаранциите“ на Шојле стаса експресен одговор од Радев. Многу, многу јасен и недвосмислен. Ќе се најде ли некој македонски новинар да го праша г-дин Шојле за коментар?
Извор: Теодосиевски уметност