ШТО НЀ ОЧЕКУВА ЗИМАВА? Поради дунстер директори на повидок се рестрикции и поскапа струја

Експертите велат дека во вакви услови три опции се на располагање за решение на кризата, но во сите три се инволвирани и граѓаните.

7,090

Земјава, откако ги пропушти опциите за предвремена набавка на електрична енергија и се најде во состојба незаконски да повлекува струја од европскиот пазар, сега на располагање има три опции да се справи со проблемот и да не се доведе во тотален мрак.

Според експертите, првата опција е да се обезбедат пари за да се купи електрична енергија на слободниот пазар по цени кои владеат моментално, бидејќи навреме не се обезбедиле потребните мегавати. Втората е воведување рестрикции за да се приспособиме на дозволените рамки и третата да се зголеми цената на електричната енергија за сите и да се обезбедат пари за увоз на потребните количини на електрична енергија.






Сето ова стана опција за македонската енергетика откако директорот на македонскиот електропреносник МЕПСО, Куштрим Рамадани, излезе во јавност и го вклучи алармот дека земјава се соочува со криза за прекумерно повлекување на електрична енергија од европскиот пазар, бидејќи има недостиг.

Според него, дневно на земјава ѝ недостигаат и до 500 мегавати струја која се повлекува од европската мрежа. МЕПСО поради тоа четири пати е опоменат од Европската енергетска заедница и сега треба покрај актуелна цена за дополнителните мегавати да плати и казна. Рамадани стравува дека МЕПСО ќе влезе во загуба ако го плати долгот кој на крајот на ноември ќе изнесува 15 милиони евра и предлага да се воведат рестрикции. Притоа тој вината ја лоцира во намаленото производство во земјава наспроти зголемената потрошувачка на струја.

Експертите велат дека во вакви услови три опции се на располагање за решение на кризата. Во сите три се инволвирани и граѓаните.

– Прво да се обезбедат финансиски средства за да се купи на пазарот енергијата која не сме ја купиле навреме. Пари нема, па се разбира владата ќе посегне по нови кредити кои тешко дека ќе ги добиеме. И да речеме ќе ги добиеме, тие ќе бидат на сметка на граѓаните и некоја следна влада која ќе треба да го отплаќа долгот. Но, тоа е едно од решенијата. Втората опција е да се воведат рестрикции и така да се троши она што се произведува во земјата и да се увезува во рамки на дозволеното. И со оваа опција се засегнати граѓаните. Третата опција е да се зголеми цената на струјата со што ќе се обезбедат пари за купување на потребните количини на струја. Тоа значи непопуларна за граѓаните, но економски оправдана мерка – вели професорот Константин Димитров.

Што се однесува до моменталната состојба во која се најде земјата, тој смета дека освен што се нема стратегија како да се води енергетскиот сектор во земјава, проблем е политиката и неспособниот менаџмент.

– Проблемот е политички. Струја има на пазарот и може да се набави во секое време, ама нема пари таа да се купи. Владата, ЕСМ и МЕПСО лошо планирале или немале доволно податоци за потребите на електричната енергија, а може и да ги превиделе, за да ја набават навреме. Сега излезе дека сме набавиле 200 мегавати, а ни фалеле уште најмалку 315. Тоа е резултат на неспособни или како што ние своевремено ги нарекувавме „дунстер директори“ кои се на позиции во сектор кој не го познаваат и ја доведуваат земјата во ваква чудна позиција. Ако беа енергетски потковани тие досега ќе алармираа и ќе бараа од владата навреме да се купи јаглен, мазут и да се купи предвреме струја за да се одговори на потребите на граѓаните и стопанството во периодот кога ќе биде потребно. Нелогично е да не размислувале дека кога стопанството ќе почне да работи појако по пандемијата ќе има поголеми потреби од струја. Згора на тоа зарем немаат податоци и контрола на приватните увозници на струја и што се случува кај нив. Мислам дека имаат, но поради незнаење навреме за ништо не реагираат – вели Димитров.

Во целата ситуација се поставува прашањето од каде доаѓа тој недостиг на струја кој МЕПСО е принуден да го повлекува од европската мрежа. Дали во прашање се приватните увозници на електрична енергија или владата од незнаење не успева да обезбеди енергетска стабилност бидејќи една од нејзините задачи е и тоа преку државните друштва ЕСМ и МЕПСО.

Димитров вели дека ова прашање тешко ќе се одговори ако МЕПСО не излезе со конкретен одговор.

– Никој освен МЕПСО и можеби Регулаторната комисија за енергетика не знае од каде доаѓа кусокот од електрична енергија, но факт е дека поради балансирање на мрежата МЕПСО повлекувал повеќе електрична екергија од дозволеното без никого да праша. Сега ќе треба да го плати тоа со цената на струјата плус казните. Оттаму рекоа 10 милиони евра, но јас мислам ќе биде 15 милиони евра или повеќе зашто цената на електричната енергија дневно варира на берзата – вели тој.

Прашањето за навремена набавка на струја го отвори и професорот Дејан Трајковски кој во својот пост на Фејсбук вели дека најверојатно при набавката се пропуштени поволните опции на берзата кои ги користат сите познавачи на берзанското работење. Тој при тоа ги посочува тргувањето со фјучерси за електрична енергија и таканаречената куповна или кол (Call) опција. И двете ако се користеле лани сега трговците немаше да имаат проблем со цените на струјата и нејзината набавка.

„Нашите трговци со струја најверојатно ништо не планирале долгорочно, односно лани не купувале фјучерси контакти. Самиот премиер рече дека не знаеле како ќе се движи цената на електричната енергија, од каде заклучуваме дека сме биле оставени на милост и немилост на пазарот. Нормално е да не знаат, но требало да имаат стратегија за хеџирање, т.е. менаџирање со ризикот. А зошто би влегувале во такви фјучерси трансакции и би менаџирале со ризикот од промена на цена, кога кај нас крајниот потрошувач секако ќе ја плати цената, колкава и да биде? Додуша, ако сакаат да ја задржат цената на прифатливо ниво (заради социјален мир), разликата ќе ја плати државата, но во основа тоа сме пак сите ние, преку даноците“, анализира Трајковски.

Тој вели дека увозниците на струја не ја искористиле и втората актуелна опција за купување електрична енергија таканаречената кол (Call) опција со дадена извршна цена и одреден датум на матурирање на опцијата во иднина да ни ги надоместува загубите поради претеран раст на цената над извршната цена.

„Така на пример, доколку лани биле купени кол опции со извршна цена од 60 EUR/MWh за испорака во октомври годинава, сега би ја платиле електричната енергија по извршната цена на опцијата, односно по 60 EUR/MWh иако моменталната цена е 160 EUR/MWh. Така би се заштитиле од порастот на цената, односно загубата на спот пазарот (купената физичка електрична енергија) би била компензирана со растот на цената на финансискиот инструмент – кол опцијата – дури и по цена на платената премија, која лани беше ниска (не повисока од 20 EUR/MWh). Од друга страна, ако цената годинава опаднала на пример на 30 EUR/MWh, би ја купиле електричната енергија по сегашнава, пониска цена, а опцијата би истекла неискористена, односно загуба би била само платената премија“, додава Трајковски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со предлог да се формира кризно тело кое ќе ја разгледа состојбата и ќе предложи решенија за излез од енергетската криза пред зимата за да не се доведеме, како што велат, во 21 век граѓаните да останат без струја.

И додека експертите се занимаваат со опциите како би требало да функционира системот и кои се опциите за излез од состојбата директорите на државните компании од секторот дејствуваат како расштиман оркестар.

Директорот на МЕПСО тврди дека намаленото производство на електрична енергија и зголемената потрошувачка се причина поради која се повлекувало повеќе струја од договореното без притоа да каже кој потфрлил во процесот и да наведе конкретни фирми и луѓе. Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, пак не размислува за обврската дека е должен да обезбеди стабилен енергетски систем кога потфрлаат приватните увозници на струја, ако се тие причина за недостигот. Тој размислува само за домаќинствата на кои треба да им се обезбеди 70 отсто од потребите. Па вели дека нема место за паника – домаќинствата ќе имаат струја зашто се приспособени производните погони на тие потреби. Потребите на компаниите ќе ги произведува дополнително преку увоз на јаглен. Тој најави дека јаглен за ТЕЦ Осломеј се договара со Косово, а за РЕК „Битола“ вториот тендер е распишан, а понудите ќе се отворат на 2 ноември.

И во двете компании, но и до владата Плусинфо испрати прашања кои се однесуваат на енергетската криза и проблемите околу неа и како ќе се менаџира кризата ако се продлабочи, но не добивме одговор.

Од владата се повикаа на Законот за енергетика, според кој, политиката на МЕПСО е исклучиво право на компанијата и Владата не може да се меша во работата. Како акционер, во управниот одбор учествува Министерството за транспорт и врски со активна улога на седниците за утврдување на финансиската состојба.

Владата вели дека МЕПСО треба да го наплати она што им го испорачал на компаниите.

– Од Законот за енергетика произлегуваат правила за балансирање. Во нив е јасно утврдено дека операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на балансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека, во случајов, тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги исплатат трошоците за настанатата состојба – велат оттаму.

Што се однесува до издадените лиценци за приватните увозници владата се повикува на Регулаторната комисија за енергетика.

– Регулаторната комисија за енергетика го носи Правилникот за издавање лиценци за компаниите коишто увезуваат струја каде што се утврдени условите коишто треба да ги исполни компанијата, Законот за енергетика не ги пропишува условите. Тоа, според Законот за енергетика, е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика како независно тело – велат од Владата.

Оттаму го повторија ставот дека до крајот на годинава нема да има промена на цената на електричната енергија и дека таа е обезбедена за сите домаќинства.

– Нашата држава не може да влијае на случувањата на светските берзи, но преку АД ЕСМ и зголемувањето на домашното производство ќе обезбедиме дополнителни количини електрична енергија кои ќе го амортизираат можното нагло зголемување на цените на компаниите. Во РЕК Битола ги активираме капацитетите на третиот блок за да имаме домашно дополнително производство на струја за да ја балансираме потрошувачката со домашна електрична енергија, а се прават анализи и се проценуваат потенцијалите и во другите енергетски капацитети. Внимателно ја следиме состојбата и во регионот и Европа и ги уверуваме граѓаните дека нема потреба за загриженост – велат од Владата.

Оттаму изјавија дека сите активности што владата ги презема, вклучувајќи набавка на дополнителни количини на јаглен, можноста за вклучување на ТЕЦ Неготино, се прават за да се одржи системот, обезбедувајќи ги потребните количества електрична енергија за граѓаните. Во однос на стопанството, сите активности се насочени кон обезбедување електрична енергија по поприфатливи цени од берзанските.

Државниот завод за статистика денеска соопшти дека во август 88,7 отсто од потрошената електрична енергија била од домашни извори, а 97,12 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен е употребена за производство на струја. Земјава во август годинава вкупно потрошила 586.691 мегават часови електрична енергија, 36.924 милиони нормални кубни метри природен гас, 413.040 тони јаглен и 112.231 тон нафтени продукти.

Поврзани содржини