ШТО МОЖЕ СКОПЈЕ ДА НАУЧИ ОД ЉУБЉАНА? Како се станува една од 100 светски зелени дестинации

Нема паркирање во центар, туку во големи катни гаражи во предградијата, нема возење во центар, туку само пешки или со велосипед, електрични бесплатни возила наместо двокатни автобуси и многу селектирање на отпад - до 150 кг од човек. Тоа Скопје може да го научи од Љубљана - зелената престолнина на Европа.

1,142

Забрана за автомобили малку по малку, а по плоштади можете да возите само со комбиња и тоа само меѓу 6 и 10 изутрина, колата можете да ја паркирате единствено во големи катни гаражи и паркинзи во предградијата на градот, за остатокот да прерасне во пешачка зона, место за собир на граѓаните … Што е тоа што Љубљана ја направи зелена престолнина на Европа и една од 100-те светски најпосакувани „нулти“ дестинации? Порталот Кајгана пишува детално за преуредувањето на овој град со чија земја некогаш делевме заедничка држава.

Сите мерки се вртат околу пешачките зони и велосипедистите






Од 2007 година, главниот град на Словенија целосно го редизајнираше својот центар и го намени исклучиво за пешаци и велосипедисти. Во споредба со другите европски метрополи, Љубљана е релативно мал град со 280.000 жители, но сигурно е еден од најзелените и најтивките. Во текот на многугодишното постепено воведување на забраната за автомобилски сообраќај, центарот на европската зелена престолнина за 2016 година успешно се трансформираше во пријатна пешачка и велосипедска оаза на која денес ѝ се восхитува целиот свет.

Нема возење со автомобили, а со комбе меѓу 6 и 10 изутрина

Автомобилскиот сообраќај во некои делови од центарот на Љубљана сега е далечно минато. Идејата за градски центар без автомобили започна да се развива во 2007 година кога започна реновирањето на улиците и плоштадите со цел да се обезбеди повеќе простор за пешаците и велосипедистите и постепено воведување забрана за сообраќај за моторни возила. Трансформацијата на центарот на градот започна со реновирање на улицата Волфова и главниот плоштад Прешерн и продолжи со постепено затворање на центарот на градот за сите моторни возила. Сега, во овие делови на центарот на градот, сообраќајот е дозволен само со комбиња со специјални дозволи во утринските часови – помеѓу 6 и 10 часот.

Катни гаражи и големи паркинзи, да, ама надвор од центарот

Поранешните паркинзи за автомобили се претворени во јавни површини кои служат за собирање на граѓаните и организирање разни настани, на пример, Конгресни трг (јавна гаража со пет подземни нивоа беше отворена во јули 2011 година), Трг Републике, Нови трг и улица Брег. Благодарение на тоа, повеќе од 10 хектари од централниот дел на градот денес се наменети исклучиво за пешаци и велосипедисти, и како што гордо истакнува Градот Љубљана, ова резултираше со намалување на емисиите и бучавата предизвикана од сообраќајот.

За време на постепеното воведување забрана за автомобилски сообраќај во центарот на градот, градската управа на Љубљана организираше големи паркинзи во предградието за да им го олесни пристапот на граѓаните, а урбанистичкото планирање на центарот беше преиспитано. Градската администрација особено го охрабрува возењето велосипед секогаш кога е можно, вклучително и преку сопствениот јавен bike sharing систем.+

Дополнителни мостови и пренасочување во корист на пешаците                                          Исто така, беа изградени и пренаменети вкупно 13 мостови над реката Љубљаница со цел да се намали растојанието, полесно движење и подобро поврзување на делови од градот. Покрај тоа, за проектот реконструкција на брегот на реката, во 2012 година Љубљана ја доби Европската награда за урбан јавен простор меѓу 347 поднесени проекти од 36 европски земји.

Бесплатни мали електрични бусови, наместо големи автобуси

Во пешачката зона во центарот на градот, жителите и посетителите можат да ја користат бесплатната услуга на малите електрични возила наречени „Кавалир“ во текот на целата година, кои можат да се возат до саканата локација. Комуналното претпријатие „Љубљански патнички превоз“ ја воведе оваа услуга со две возила уште во 2009 година, кога Љубљана учествуваше во европската иницијатива CIVITAS ELAN, која успешно ја спроведе оваа транспортна услуга на барање.

фото: ;Јутјуб

Бесплатното возење можат да го користат максимум пет патници истовремено, а „кавалирите“ не следат однапред дефинирани правци и запирања, туку го приспособуваат возењето на потребите на патниците. До крајот на 2017 година, кога нивниот број беше зголемен на шест, „кавалирите“ превезуваа повеќе од 1,2 милиони патници.

Цела улица пренаменета во пешачка зона, резултатите се неверојатни

Една од највидливите мерки за воведување висококвалитетен јавен простор во центарот на градот беше реновирањето на улицата Словенска во простор наменет за пешаци, велосипедисти и корисници на јавен превоз (автобуси). Со забрана за движење на лични моторни возила во централниот дел на улицата во 2015 година, емисиите на СО2 се намалија за повеќе од 70%, што докажува дека вистинските мерки можат да имаат силно влијание врз локалното подобрување на квалитетот на воздухот.

Понатаму, бучавата што претходно се создаваше од моторни возила е намалена за околу шест децибели, додека градската управа во Париз сега се обидува да постигне намалување од три децибели со своите мерки. Покрај спроведените археолошки истражувања и реставрацијата на целата подземна инфраструктура, улицата е поплочена со интересна геометриска шема, засаден е нов дрворед и сега успешно функционира како заеднички простор за пешаци и велосипедисти.

фото: Јутјуб

Кога нема бучава, се слуша шумолењето на лисјата

Петнаесет години по почетокот на спроведувањето на овие мерки, жителите на Љубљана, како и нејзините посетители, очигледно се задоволни од „зелената“ трансформација на градот. Како што истакнуваат некои светски медиуми, како Forbes и неодамна неколку француски списанија, „жителите на Љубљана јасно слушаат песна од птици и звук од шушкањето лисја на ветрот, што е луксуз познат за многу мал број жители на европски и светски градови. “

Урбаната екологија, покрај подобрениот квалитет на воздухот и намалување на бучавата во центарот на градот, забраната за сообраќај на автомобили и проширувањето на пешачката зона, секако, придонесе и за бизнисот на продавниците.

70 отсто од ѓубрето се селектира – 150 кила по жител

Покрај тоа, Љубљана е првиот европски „Нула отпад“ главен град што ја усвои стратегијата за нула отпад на 8 септември 2014 година, кога се приклучи на мрежата за нула отпад во Европа заедно со уште три општини – Врхника, Боровница и Лог Драгомер. Главниот град на Словенија може да се пофали со највисока стапка на селектирање на отпадот од домаќинствата во Европската Унија, а создавањето на отпад е значително намалено со поттикнување на образование, рециклирање и повторна употреба.

Подземни контејнери

Европската зелена престолнина за 2016 година постигна високи стандарди во селектирањето и превенцијата на отпадот. Во првите 10 години од стратегијата за нула отпад, количината на одделно собран отпад се зголеми од 16 на 145 кг по глава на жител, а денес повеќе од 69% од собраниот отпад е селектиран. Одделни контејнери за собирање отпад во центарот на градот се наоѓаат под земја.

Мрежа од 40 точки со бесплатна вода за пиење

Дополнително, до 2025 година, Љубљана има намера да ја зголеми стапката на посебно собирање отпад на 78% и да го намали количеството на комунален отпад до 60 кг по лице годишно. Населението во Љубљана се охрабрува да ја зачува животната средина, да го оддели отпадот и да го фрли на планирани локации, но и да избегне употреба на пластика за еднократна употреба, употреба на платнени кеси и шишиња за вода за повеќекратна употреба благодарение на мрежата од повеќе од 40 точки со бесплатна вода за пиење.

Уште не е доцна Скопје да научи или да преземе нешто од градското планирање на Љубљана, во очи локалните избори и новите локални власто кои ќе треба да се покажат на дело по 17 октомври.

Поврзани содржини