ШТО МОЖЕ ДА СТОРИ СЕКОЈ ЗА ДА НЕ СЕ ГРЕЕ ПЛАНЕТАТА Општините се клучни за екологијата
Праведната транзиција е процес што единствено може да биде успешен ако е управуван на локално ниво и потeкне од локалните заедници кои најдобро знаат за што се способни и што им е потребно, вели Елена Николовска, проектна координаторка во здружението Еко-свест.
Намалувањето на емисии на стакленички гасови се важни за ублажување на климатските промени, особено во општини како Кичево и Битола. Праведната транзиција е процес што единствено може да биде успешен ако е управуван на локално ниво и потeкне од локалните заедници кои најдобро знаат за што се способни и што им е потребно, вели Елена Николовска, проектна координаторка во здружението Еко-свест, кое во моментот работи на проект за Праведна транзиција поддржан од CEE Bankwatch Network и SIDA.
Што значи намалување на емисии на стакленички гасови, што точно и од какво значење е„ ZeDay“ кој се одбележа неодамна во светот и кај нас?
– 97% од научниците во светот се согласуваат дека климатските промени се предизвикани од човечки активности, односно се последица од емисиите на стакленички гасови во атмосферата. Јаглерод диоксидот е најмногу виновен за климатските промени, а настанува со согорување на фосилни горива (нафта, јаглен, гас). Меѓународниот панел на научници за клима предупреди дека доколку не ги намалиме емисиите на стакленички гасови на глобално ниво, светот ќе се соочи со глобално затоплување на температурите од повеќе од 4 степени Целзиусови што ќе има катастрофални последици врз животот на Земјата и ќе го стави во опасност опстанокот на човекот. За таа цел во 2015 беше потпишан Парискиот договор со кој државите се обврзаа дека ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови за да се задржи порастот на глобалните температури под 2 степени Целзиусови. На 17 септември, беше објавена сумарната анализа на сите ревидирани поднесени национални придонеси кон клима и заклучокот е дека не се доволни и дека сѐ уште се движиме кон затоплување од над 3 степени Целзиусови, дека потребни се повеќе активности и побрзо.
Како ние ќе ѝ дадеме слободен ден на планетата земја?
– Секој од нас секојдневно прави некаков избор, избираме средство за транспорт, извор на електрична енергија и мора да научиме дека ќе треба да се откажеме од комфорот и да имаме во предвид намалување на емисиите на стакленички гасови во секојдневните избори – да одиме пеш и со велосипед, да штедиме електрична енергија и да користиме енергија од сонцето, да користиме платнена торба за пазарење наместо пластика, да реупотребуваме и да рециклираме.
Во ек сме на политичка кампања на локални избори, што точно треба да преземат идните градоначалници и нивните советници?
– Токму општините се последното упориште за намалување на последиците од климатските промени. Плановите и стратегиите кои се носат на централно ниво во моментов се добри и со високо ниво на амбиција, но понатаму останува да се спроведат на локално ниво. Општините мора да сфатат дека ја имаат оваа важна улога во намалувањето на емисиите и да го планираат локалниот економски развој во насока на декарбонизација и ублажување на климатските промени, и ова треба да има висок приоритет во работењето на локалната самоуправа.
Имаат ли капацитет општините со нивниот кадар да работат на оваа тематика?
– Мора да си признаеме дека нашите општини во моментов не располагаат со капацитет и кадар потребен да ги спроведе овие мерки на локално ниво – и тоа е така веќе подолго време. Потребни се цели сектори со високо квалификувани кадри од областа на урбаното планирање, транспорт, отпад и енергија во општината и активно вклучување на локалните власти во преземање активности за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Колку Еко-свест е поврзан со праведната транзиција која треба да се случи конкретно во Кичево и во Битола?
– За регионите со јаглен како Кичево и Битола со највисоки емисии е важна улогата на планирањето и спроведувањето на планови и мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови. Општината е таа која мора активно да бара поддршка и да ги поддржува своите граѓани во алтернативен економски развој за регионите. Праведната транзиција е процес што единствено може да биде успешен ако е управуван на локално ниво и поттикне од локалните заедници кои најдобро знаат за што се способни и што им е потребно.
Ќе се има ли слух, освен на лист хартија сите овие совети и примери што во светот беспрекорно функционираат кај нас да станат реалност еден ден?
– Граѓаните мора активно да се вклучат во носењето одлуки од нивен интерес, и да бараме мерки за заштита на нашето здравје и иднината на нашите деца. Секојдневно правиме избори дури и кога немаме изборни процеси во државата и влијаеме врз носењето одлуки. Општините мора да ги земат предвид стратегиите за енергија и клима и да ги планираат мерките во согласност со овие документи за да можеме да имаме барем шанса да ги намалиме последиците од климатските промени.