ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА ОД ЖЕНЕВСКИОТ САМИТ БАЈДЕН – ПУТИН Во вилата „Ла Гранж“ сепак нема да почне нова Студена војна
Навални, Сирија, Иран, Украина - тоа се само дел од тешките теми за кои ќе разговараат американскиот и рускиот претседател во Женева. Двајцата веројатно ќе си упатат жестоки пораки, но ќе се поздрават како пријатели. Бајден ќе биде во офанзива и нема да има моѓност да заспие, како што шеговито го опомена Трамп.
САД сакаат стабилни и предвидливи односи со Русија, но јас јасно ставив до знаење дека САД ќе одговорат на силен и значаен начин доколку руската влада се вклучи во штетни активности.
Со ваква жестока изјава пред новинарите, американскиот претседател Џо Бајден, во воената база во Милденхол во Англија, ја отвори неговата европска турнеја. По самитот Г-7, средба со кралицата на Велика Британија и по самитот во Брисел, Бајден конечно ќе се сретне со Путин во Швајцарија, за да му каже „њет“.

Путин, пак, веројатно ќе му објасни на Бајден дека Русија не прифаќа санкции, дека влезот на Украина во НАТО нема да даде мир и дека не може тој да зборува „во име на целиот Запад“ за вакви прашања.
Се чини дека средбата Бајден – Путин нема да биде ни налик на средбата Трамп – Путин во Хелсинки во 2018 година. Трамп тогаш одби да го критикува Путин и отворено ги отфрли наодите на американското разузнавање за руска вмешаност во изборите во 2016 година. Аналитичарите предвидуваат дека американскиот претседател на овој самит ќе игра тврдо.
Што може да се очекува од средбата на Бајден и Путин на 16 јуни, на левиот брег на Женевското Езеро и зошто ваквиот остар речник на Бајден?
Навални и рускиот гулаг – некогаш и сега
На средбата во вилата „Ла Гранж“, Бајден ќе биде загрижен за здравјето на Алексеј Навални, кој е во затвор. Тој од Путин ќе побара и слобода за двајца осудени Американци. Првиот, Пол Вилијан, е осуден за шпионажа на 16 години затвор, бидејќи во хотелска соба собирал документи од руски колега од безбедносите служби. Американецот сепак има добри шанси да биде помилуван од Путин. Вториот американец е Тревор Рид, студент од Тексас, кој се степал со две жени во зградата каде живеел, а потоа и со руските полицајци кои дошле, за што го осудиле на девет години.

Но, времињата со гулазите од советскиот режим се сменија. На пример, кога нобеловецот Андреј Сахаров беше уапсен, тој се одрече од сите социјалистички привилегии и се бореше за граѓански слободи во СССР. Неговата интелектуална и морална совест не може да се спореди со онаа на Навални кој е финансиран од Западот и кој не крие дека сака да седне на столчето на Путин. Затоа многу Руси го поддржуваат, но не мал број и го презираат Навални.
„Јасно и директно“ за Сирија, Иран и за Украина
И покрај ултиматумите, САД и Русија можеби ќе се договорат околу Блискиот Исток. На Америка сепак ѝ е потребен Кремљ, за да постигне договор со Иран за неговата нуклеарна програма и затоа Бајден ќе го замоли Путин да го одоброволи Иран, бидејќи Иран му е понаклонет нему. Исто, тие ќе договараат испорака на хуманитарна помош за Сирија.
– Веруваме дека треба да има прекуграничен хуманитарен пристап за спасување животи – изјави Џек Саливан, личен советник на Бајден за национална безбедност.
Саливан смета дека треба да се зборува „јасно и директно“ со Путин за големиот сајбер-напад на SolarWinds, за руското мешање во изборитe во Америка и за хакерскиот напад врз важен американски нафтовод во Бразил.
Неговиот руски колега Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, изјави дека во Женева „на еден или на друг начин, ќе се зборува и за Украина“. Дали Украина и Грузија ќе станат членки на НАТО? Тоа не зависи само од Вашингтон. На пример, Германија и Франција веќе се спротивставија на ова. На многу европски земји воопшто не им се допаѓа фактот што во Женева Бајден наместо нив ќе зборува „во име на целиот Запад“.
Како Зеленски погрешно го сфати Бајден
Бајден разговарал телефонски со украинскиот претседател Владимир Зеленски. Му рекол дека ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Зеленски се истрчал во јавноста и објавил соопштение од својот кабинет дека „Бајден оценил дека е важно да се претстави план за прашањето за членство во НАТО на Киев“. Но, брзо потоа стасал демант од Белата куќа.
– Украина погрешно ги протолкува зборовите на Бајден и потоа ги поправи тие обвинувања, потврди неименуваниот претставник на украинскиот Совет за национална безбедност малку подоцна – стоело во демантот.

Бајден сепак го поканил Зеленски да дојде на гости во Вашингтон летово, а ќе му помогне и со сепаратистите на украинско-руската граница, со тоа што ќе го притисне Путин да не им продава оружје и руски пасоши.
По 20 години пак затворено небото над Европа
– Вашингтон нема да се врати на Договорот за отворено небо – му соопштила Венди Шерман, заменичка-министерка за надворешни работи на САД на својот руски колега, пренесува АП.
По Студената војна, САД и Русија со овој договор се обврзаа дека над Европа ќе може да се лета слободно. Русија и други 34 европски земји 20 години можеа да надлетуваат над туѓи територии сѐ до лани кога САД се повлекоа од договорот. Веќе во јануари годинава и Русија обзнани дека ќе излезе.
– Денешните односи меѓу Русија и САД се најлоши од Студената војна – изјавил Путиновиот помошник за надворешна политика, Ушаков, додавајќи дека„ Русија би била задоволна и доколку се сопре влошувањето на односите, а предуслов е Вашингтон да разбере дека не може да разговара со сегашното руско раководство на јазикот на ултиматумите и постојаните санкции“.

Мали се шансите Бајден и Путин да ја спомнат Македонија
Како што е познато, Македонија и Албанија, како и Србија и Косово, очекуваат и тие да се најдат на агендата на европската турнеја на Бајден. Се очекува Бајден на европските лидери да им порача дека време е ЕУ конечно конечно да почне преговори со Македонија и со Албанија, а САД и ЕУ заеднички да го поттикнат дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Дали оваа тема може да се појави и на средбата во Женева? Најверојатно не, но ако се проговори за тоа, Бајден ќе се спротивстави на руското мешање во регионот Западен Балкан. Тоа нема да го воодушеви Путин, како и целата „офанзива“ на американскиот претседател.
Но, сепак, не треба да се очекува Бајден и Путин крај Женевското Езеро да почне нова Студена војна. Веројатно ќе биде тоа една претстава со размена на многу жестоки реплики, кои потоа темелно и внимателно ќе се анализираат во Вашингтон и во Москва.