Што еден будала ќе расипе…

Најопасното оружје со речиси „нуклеарен“ потенцијал што таа власт успеа да го стави во рацете на онаа бирократска булумента во Брисел сега нѐ прогонува и ни се заканува во секој извештај, во секое спомнување на земјава во нивните званични белешки или во кулоарите помеѓу кроењето на воените планови.

1

Кога би имало еден, барем еден морален лик меѓу оние кои глумеа раководство на сдсм (малите букви се…) во периодот 2017-2024 година, а сега, повторно за големи пари, седат во Парламентот, тој/таа, ако веќе не сите, би станал(а) и, прво, би се извинил за сѐ она што успеаjа да разнебитат во тие седум години, и второ, би признал дека сето ова што ѝ се случува на земјава е во голема – или најголема – мера резултат на нивното неуко, неспособно и во основа неписмено дивеење низ политиките на државава. А коишто сега ни се удираат одглава на сите, ни криви ни должни. И не е тоа само царството на криминалот и корупцијата што го воведоа наместо систем во земјава, не е само катастрофалното загадување со коешто стасавме до првите места на црните топ-листи во светот, ниту пак е единствено ова и вакво судство и обвинителство за коешто сега обвинуваат други и повторно, по којзнае кој пат, им даваат материјал на оние во Брисел да ни удираат шамари.

Спомнативе нешта се само меѓу оние случајни први што доаѓаат наум, но не се и најтешките, најголемите. Да беа само тие можеби и ќе имавме шанса…






Најопасното оружје со речиси „нуклеарен“ потенцијал што таа власт успеа да го стави во рацете на онаа бирократска булумента во Брисел сега нѐ прогонува и ни се заканува во секој извештај, во секое спомнување на земјава во нивните званични белешки или во кулоарите помеѓу кроењето на воените планови:  Европскиот совет „забележува дека Северна Македонија сè уште не ги завршила уставните измени што ги презела. Советот ја потврдува својата подготвеност да свика нова меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или нови политички одлуки, кога Северна Македонија ќе ја исполни оваа обврска, во согласност со своите внатрешни процедури“. И, се разбира, сето тоа филувано со „добрососедското“ дополнување од Исток дека Бугарија не изразува кон нас никаков друг став освен ставот на Европскиот совет – да ги вклучиме промените во Уставот и да ги земеме предвид (каков еуфемизам!) сите одредби предвидени во протоколот, кои се дел од компромисниот предлог од 2022 година.

Што, повторно, ќе рече дека не се баш само „уставните измени“, нели. А впрочем, кога Бугарија вели „компромисен предлог“, на компромис со кого мисли? И за што? Затоа, впрочем, и народот од вековното искуство рекол дека тоа што еден будала ќе расипе, ни сто умни не можат да поправат!

Но ние – односно тие – упорно прогласуваат историски договори и историски личности. Се разбира, има секакви историски личности, но има и „бела“ и „црна“ историја. Прашање е во која ќе влезат овие, сосе нивните „историски лидери“!

За жал, црна е, прецрна, таа нивна седумгодишна историја. Згора на тоа, токму од тие и такви недоквакани луѓе кои сметаат дека имат некакво право да попуваат за сѐ и сешто, секојдневно слушаме критики за состојбите во државата, несвесни дека тие состојби се нивно наследство, резултат на нивните разулавени „политики“ во сите општествени сегменти. И „историски“ одлуки! Дури и „интелектуално“ поткрепени од нивната клиентела, од оние мегафони на кои не им е важно за кого работат сѐ дури се добро платени. Сепак, наспроти нивните распеани метафори, чувството на црнила е доминантно во секој поглед, без оглед на обидите сета вина да се лоцира денес и овде, а виновник да биде некој друг.

Забележливо „кисели“ се тие обиди, проѕирни се напорите да се покаже некаква партиска сплотеност, сигурност, присутност. Тоа е само лоша претстава, фингирана самодоверба што останува единствено во нивните штабови, па и таму прилично невешта, неуверлива, дури вештачка. И сето тоа бргу ќе го снема и сите нив бргу ќе ги нема кога ќе почнат да се отвораат и случаите во Европскиот суд за човекови права, кога ќе дојдат на ред и жртвите од Тетово, тендерите, вакцините… Се разбира, знам дека тогаш повторно ќе ја впрегнат нивната „експертска“ ергела составена од разноразни „професори“, „аналитичари“, невладини организации и др., кои ќе докажуваат дека Европскиот суд за човекови права врска нема со правото, уште помалку со човековите права, ќе бараат начин да ја обвинат сегашната власт како и за сѐ друго (на пример за Кочани, што е многу сличен предмет!), ќе изнесуваат „докази“ за неспорната вина на осудените… Но, полека ќе се (с)топи самодовербата и незрелите обиди реалноста да се претстави како туѓа вина, да се „офарба“ во некои посветли бои за да се покријат црнилата.

Но не ќе може, наследството е страотно и ќе притиска сѐ повеќе. Не може баш така лесно да се прикрие дека нивниот удел со последните нивни седум години е пресуден што земјава е, како што сега „откриваат“, една од најсиромашните, најнеобразованите држави во Европа, на топ-листите на загаденост, криминал и корупција, со распаднато здравство и школство…, дека се намалуваат странските инвестиции и дека граѓанинот е сѐ посиромашен. Како божем во нивното време да скокавме од радост што нѐ водат неспособни шутови, што сѐ се распаѓаше како на филм од „црниот бран“ од бившата државата, но важно имавме ново (историско!) име и нови (историски!) договори коишто сега ги чувствуваме како историски пранги.

А не ќе можат ни тие лично да се сокријат бидејќи – ене ги, седнати во првите редови во Собранието, расипничката и неспособна „елита“ која својата некадарност настојчиво сака да ја припише на друг! Но таквата неодговорна некадарност не се брише со соцреалистички флоскули и гласност како замена за блиското минато. Уште пострашен е фактот што дел од нив изгледа не се ни свесни за катастрофите што ги предизвикаа и ги предизвикуваат и понатаму!

Поврзани содржини