Што ќе ти се случи ако ја критикуваш Кина во Кина?
Сун Даву е одгледувач на свињи и земјоделски магнат од провинцијата Хебеј. Неговата компанија „Даву група за земјоделие и сточарство“, која има 9.000 вработени, е една од најголемите во Кина, а опфаќа широк спектар на работни позиции, од производство на храна за домашни миленици до изградба на училишта и болници.
Иако е милијардер, името Сун Даву до неодамна не беше познато на светската јавност. „Славата“ не ја доби поради достигнување на некој посебен успех во работата, туку поради пресудата со која е осуден на 18 години затвор. Неговиот грев е критикувањето на властите во Кина.
Сун Даву е одгледувач на свињи и земјоделски магнат од провинцијата Хебеј. Неговата компанија „Даву група за земјоделие и сточарство“, која има 9.000 вработени, е една од најголемите во Кина, а опфаќа широк спектар на работни позиции, од производство на храна за домашни миленици до изградба на училишта и болници.
Тој во минатото уживал политичка популарност, престижните кинески универзитети го поканиле да држи предавања за претприемништво и рурални реформи. Но, сè се променило кога започнал да дели критики за Кина и за кинеското општество. Во 2003 година тој бил осуден на 3 години затвор за незаконско собирање јавни средства, откако на веб-страницата од неговата компанија објавил напис во спомен на Ли Шејн, кинески либерален интелектуалец.
Една деценија подоцна, односно во 2015 година, тој јавно ги поддржал уапсените во случајот „Случај 709“, односно масовното апсење на адвокатите за граѓански права. Тој исто така бил првиот кој ја критикувал кинеската влада, четири години подоцна, за прикривање на африканскиот свински грип, кој предизвика голема материјална штета, не само на неговите фарми, туку и на земјоделската индустрија во целата земја.
Последниот случај со кој завршил на суд, бил помал спор за имот во 2020 година, а во ноември истата година бил уапсен со уште 20 лица, меѓу кои и неговата сопруга и синови. Тој бил под надзор 5 месеци, за да биде официјално гонет во април, годинава.
Во периодот на судското рочиште, Сун наводно ги отфрлил обвинувањата и се опишал себе си како „вонреден член на комунистичката партија“. Сепак, тој признал дека направил грешки и дека сака да ја преземе целата одговорност. Тој изјавил дека сака да одговара за сите казни, без разлика колку се драстични, во замена на ослободување на неговите најблиски, пренесуваат кинеските медиуми.
Судењето се одржало од 16 до 19 јули, а судот одлучил дека Даву е виновен и дека ги извршил следните кривични дела: собирање луѓе за напад врз државните органи, попречување на јавните работи, илегално рударство, нелегална окупација на земјоделско земјиште и нелегално собирање пари. Исто така, бил прогласен за виновен за „предизвикување на проблеми“, честа пријава која кинеските власти ја користат против активистите. Тој е осуден на 18 години затвор, со парична казна од 3,11 милиони јуани (400.000 евра).
Даву не бил единствениот осуден. Неговиот син добил казна од 12 години затвор, неговите двајца браќа добиле 12 и 9 години затвор, додека 19 вработени од неговата фирма биле осудени на затворски казни од 1 до 12 години.
Неговите адвокати изјавиле дека се многу разочарани што судот ја игнорирал невиноста на обвинетиот и го прогласил за виновен по сите обвиненија.
Овој случај е само продолжение на серијата пресметки меѓу кинеските власти и претприемачите. Според Би-Би-Си, Кина започнала да ја потиснува моќта на големите бизниси и претприемачи, а во моментов се испитуваат технолошки компании како Алибаба, Диди и Тенсент.