ШТО Е ПООПАСНО: ПУШЕЊЕТО ИЛИ СЕДЕЊЕТО? Според лекарите, седењето е новото пушење

Лекарите велат дека седечкиот начин на живот одзема повеќе животи отколку ракот на белите дробови предизвикан од цигарите. Многумина од нас седат девет или повеќе часа дневно, па паметно е, дури и ако не сте пушач, понекогаш да излезете на „пуш-пауза“ со колегите пушачи

1,259

Иако постојано се зборува за здравјето на срцето и постојано се објавуваат истите предупредувања, срцевите заболувања остануваат водечка причина за смрт, како кај нас, така и низ целиот свет.

Секако, срцевите заболувања имаат многу причини, но особено се опасни седечкиот начин на живот и недостатокот на физичка активност. Научниците открија дека седечкиот начин на живот без вежбање лесно може да доведе до дебелина, дијабетес, висок крвен притисок и холестерол, сите состојби кои во голема мера ги зголемуваат шансите за развој на срцеви заболувања.






„Вежбањето и физичката активност се повеќе или помалку како златен куршум против срцеви заболувања и други хронични состојби и само малку активност е многу подобра од ништо”, велат од Медицинскиот факултет Харвард. Физичката активност е многу важен и неопходен здрав начин на живот што, заедно со правилната исхрана е најдобар сојузник во постигнување и одржување соодветна телесна тежина и здравје воопшто. Студијата спроведена во 2018 година опфатила 500.000 луѓе и открила дека физичката активност го намалува ризикот од срцеви заболувања, дури и кај оние со генетски предиспозиции.

Колку е важно да правите некоја вежба, стана поочигледно од кога било досега. Имено, лекарите се загрижени заради податоците според кои секоја година повеќе луѓе умираат заради седечкиот начин на живот отколку од рак на белите дробови.

Додека порано, пушењето и алкохолот беа наведувани како главни лоши навики што предизвикуваа појава на прерана смрт, сега лошите навики за јадење и седечкиот начин на живот се опасно близу до тие навики. Многумина од нас седат девет или повеќе часа дневно, освен на работа, додека се возат во автомобил, додека се на кафе, пред телевизор.

Во текот на последните неколку години, има сѐ поголеми докази дека седењето може да биде штетно за вашето здравје.

Една студија објавена во Journal of Epidemiology and Health потврдила дека во Обединетото Кралство, долготрајното седење одзема дури 70.000 животи годишно, повеќе од ракот на белите дробови.

„Премногу седење може да го зголеми ризикот од разни болести. Влијае врз хормоните, метаболизмот и може да предизвика различни воспаленија”, истакнува Роџер Фрамптон, автор на книгата The Flexible Body: Move Better Anywhere.

Болестите поврзани со продолжено седење вклучуваат дебелина, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2, одредени форми на рак, се вели во студијата.

Оваа навика не само што остава трага на ‘рбетот, туку го зголемува ризикот од многу сериозни болести, предупредуваат експертите.

Исто така, седењето влијае на нашиот мозок, расположението, меморијата на една личност и го зголемува ризикот од деменција.

Според најновите истражувања, повеќе од една третина од луѓето поминуваат повеќе време седејќи за време на викендите отколку на работната маса за време на работната недела, бидејќи слободното време го поминуваат пред телевизор или компјутер.

Дури и оние кои редовно вежбаат не се поштедени ако остатокот од денот го поминат во седење.

Седењето има толку катастрофални ефекти врз здравјето што лекарите го нарекуваат „ново пушење“.

 

Фото: Freepik

Поврзани содржини