Што е, било гужва во Маврово и на Шапка? Ма јели то могуќе?

Од сите страни извештаи за хаос и гужва на нашите примитивни скијалишта. И повици да се воспоставел некаков „ред“. Молам?! Ние немаме „ред“ во главите, а бараме на патиштата и пред билетарницата.

27,441

Една од најнесериозните реплики што сум ги добивал на моите веќе здодевни „проповеди“ за потенцијалите и за можностите и на Попова Шапка и Јелак да се изгради модерно скијалиште со капацитет од најмалку 10.000 скијачи дневно, е прашањето – добро, а имаме ли ние воопшто толку скијачи?

Па еве, драги мои, повелете прашајте го сега кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кому деновиве многу неинформирани и злобни луѓе му се потсмеваа што првата скијачка патека во Михајлово, долга „само“ 400 метри и придружната инфраструктура ги нарече „ски-центар“. А сега читам дека имало денови кога во Михајлово се собирале по 3.000 луѓе дневно.






Ги гледам и видеата од хаосот на патот Тетово – Попова Шапка. Тој пат деновие е пекол за стотици и стотици автомобили кои се „пробиваат“ до ски-центарот, кој не е инфраструктурно опремен да прими повеќе од 2.000 посетители дневно. А во екот на сезоната, дури и без снег каков што има сега (вештачки никогаш немало), 2.000 посетители за Попова Шапка е стандардна посета.

Читам утрово и за огромните гужви пред билетарницата во Маврово. Луѓето чекале по еден час да купат ски-билет. И сите се жалеле на „лошата организација“ во центарот. Демек, ако имало онлајн продажба, ќе било подобро. А да се проба преку Тему? Може да биде поевтино, а и побрзо.

Не знам како е на двете скијалишта на Пелистер. Не знам како е на Пониква. Но, верувам дека и таму има многу посетители. А зошто би немало? Распуст е. Снег има. Временските прилики се погодни за скијање.

Не треба никого да обвинуваме за „лошата организација“. Не треба да ломотиме за потребата да се воспоставел некаков „ред“. Не, драги мои, не постојат „организација“ и „ред“ што од некогашни ски-центри со застарена инфраструктура и од излетнички места без јасна намена би направиле модерни скијалишта што можат да примат 20.000 посетители дневно.

Да, добро ја прочитавте бројката, толкав е потенцијалот на Македонија, а можеби и поголем. И секој од тие 20.000 скијачи, во ски-сезоната која во модерните центри трае најмалку 100 дена, дневно троши пет пати повеќе од турист во летната сезона. Инаку, летната сезона во Македонија трае одвај 60 дена…

Кој не верува, нека погледне што се случува во моментов во ски-центрите во соседните Србија и Бугарија. Нека прочита колку посетители дневно имаат Копаоник, Банско, Боровец и уште десетина други пристојни ски-центри во тие две земји. Нека види колку чинат таму ски-билетите. Нека провери на Букинг колку треба да се плати за престој во хотел или во апартман. И нека се обиде да најде слободен кревет во хотелите во јануари и во првата половина од февруари.

Ете, сега самите гледаме и самите можеме да пресметаме колку пропуштаме, затоа што сме недоветни и не можеме да акумулираме желба и знаење да изградиме барем еден таков ски-центар, на Попова Шапка и Јелак. А тоа ни фали – малку повеќе ум и многу ентузијазам. Пари за такви проекти секогаш имало и ќе има…

Е сега, тие што му се потсмеваат на Митко Јанчев, пак нека си се смеат. Кисели се тие насмевки, Митко сега е радосен и си ги трие рацете. Со право. И на општо задоволство.

Камо среќа и на некој иден градоначалник на Скопје да му текне да направи ски-патека на Водно. Со вештачки снег, нормално. Имаше еден таков проект во времето на Никола Груевски и на Коце Трајановски, а имаше друг и во времето на социјализмот.

А зошто да не? Сега е уште полесно. Сега имаме одлична гондола, а тоа е половина завршена работа. Инаку, таа е единствената гондола на светот во која може да се возите по цена пониска од 2 евра. И која затоа и ќе се упропасти…

Ај да не гњавам веќе. Ионака џабе везам, никој овде не сака да разбере за што зборувам. Просто е неверојатно колку сме ние во Македонија заљубени во сопственото незнаење и во отсуството на желба да се научи нешто од попаметните од нас.

Како и да е, на сите љубители на скијањето им посакувам богата сезона, со многу снег и многу весели и безбедни скијачки денови. Некаде по Балканиве, по Австрии, по Италии… Кој каде може и милува. Уживајте!

Поврзани содржини