ШТО ЌЕ БИДЕШ КОГА ЌЕ ПОРАСНЕШ Од мали нозе ќе се гради човечкиот капитал по пандемијата

Учениците од Македонија првпат по 54 седмици поминати пред екраните, во средата се вратија во училишните клупи. Ако се спореди со податоците од другите земји во Европа и во Централна Азија, тоа е долг период. Просекот на отсуство од училиштата во другите земји е 25 седмици.

578

Пандемијата со ковид-19 целосно го поремети пазарот на трудот глобално во текот на 2020 година. Последиците беа тешки и нагли – милиони луѓе останаа без работа, а многумина брзо се прилагодија да работат од дома. Според истражување на McKinsey Global Institute спроведено годинава во февруари во 8 земји, повеќе од 100 милиони работници или 1 од 16, ќе треба да најдат друга работа до 2030 година.

Но, колку ќе биде едноставно да се најде друга работа? Што треба да се преземе за работниците да бидат конкурентни на пазарот на труд? Како што влегуваме во фазата на закрепнување од пандемијата, се отвораат прашања за опстојувањето на одредени професии, за нивната вредност за општеството, како и за создавање нови професии поради сменетиот начин на живот. Тоа, меѓудругото, помогна да се врати почитта за професиите кои во време на оваа веќе двегодишна здравствена криза, ги одржуваа економиите во живот.






Претстојните предизвици за човечкиот капитал по завршувањето на пандемијата ќе бидат една од темите за дискусија на првата годишна меѓународна конференција „Економско закрепнување и раст по ковид“ што ја организира Министерството за финансии во рамки на Skopje Economic Finance Forum 2021. На конференцијата, која ќе се одржува на 6 и 7 септември во Скопје, високи претставници на најзначајните меѓународни финансиски институции како што се Светска банка, ММФ, ЕИБ, ЕБРД, амбасадори, министри, универзитетски професори и многу други експерти ќе ги отворат најзначајните теми поврзани со заздравување на економиите по пандемијата на ковид-19.

Пандемијата ја покажа важноста за инвестирање во поддршка на менталното здравје, мотивирачките тренинзи, обуките за разни вештини и подобрено образовно искуство. За развојот на вештините потребни за утрешното општество, ќе биде потребно образовните системи да бидат сржта на секое планирање. Ова вклучува преиспитување на економијата, како да се дефинираат потребните вештини, образованието и обуката нужни за нејзиното одржување. Тоа подразбира и зголемување на атрактивноста на одредени професии, вклучувајќи ги и оние кои се покажаа најважни за општото добро.

Оптимистите наведуваат дека една од позитивните страни од оваа криза е дека учениците се подготвуваат за работа на далечина. Како и да е, инвестирањето во човечкиот капитал е приоритетно за развој на економиите и на општествата, затоа што тие можат да бидат позитивно, но и негативно поврзани. Процесот на едукација на работната сила е инвестиција, која утре ќе ѝ се врати на заедницата како капитална инвестиција.

Дупките во образованието на пандемиската генерација

Истражување на Институтот МекКинзи спроведено лани, покажа дека учениците во САД во учебната 2020/21 година заостанувале од три до шест месеци по предметот математика, а околу месец и половина заостанувале во читање во однос на историскиот просек.

За жал, во Македонија не е спроведено истражување кое би покажало колку и по кои предмети заостанале нашите ученици поради учењето од далечина, кои и претходно, како што вчера потсети министерката за образование Мила Царовска, имаа најтрагични резултати на меѓународните испитувања Пиза, Тимс и Пернс.

Но, сѐ додека не се адресираат вистинските проблеми во образованието, кои пандемијата со коронавирусот и учењето од далечина само ги продлабочија, останува загриженоста дека денешните јазови во можностите на учениците, утре ќе станат јазови во достигнувањата на работниците.

Зацелување на образовните рани

За да почне зацелувањето на дупките во образованието на пандемиската генерација и да се спречи понатамошно нестекнување на знаење, приоритетно беше да се тргне на училиште и да се подобри учењето од далечина, каде што нема можности за физичко присуство. Но, и тоа не е доволно. За да се надомести нестекнатото знаење на многу ученици, особено на послабите, ќе им треба забрзано учење. Затоа треба да се развијат постпандемиски стратегии за да им се помогне на учениците да го достигнат својот потенцијал.

Од друга страна, пак, психолозите предупредуваат дека виртуелната училница не може да ја надомести воспитната улога на наставникот, како ни стекнувањето независност што е карактеристично за школскиот период. Сите ученици изгубија, а најмногу оние кои влегоа во пандемијата со најмногу слабости. Наспроти сета достапност на информациите и квалитетот на инструкциите, учениците беа оневозможени да учат и поради одредени нивни физички или емотивни состојби. За дел од тие состојби сведочат и истражувањата за развојот на анксиозноста и депресијата кај децата за време на долгиот карантин.

– Децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено учење. Пред пандемијата на ковид-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите 15-годишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и во математика. Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата да останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба – порача Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава на почетокот на оваа учебна година.

Сепак, околу 2% од вкупниот број ученици во Македонија ќе продолжат да учат од дома на нивно барање поради медицински и немедицински причини.

– Образовниот систем ни е подготвен со три сценарија. Според владината одлука, започнавме со физичко присуство, но имаме уште две резервни сценарија: тоа е хибридниот модел и ротација на групи на ученици на една недела онлајн и со физичко присуство. Може да се одлучува за промена и на општинско ниво, доколку ситуацијата станува некаде аларманта – објасни Царовска.

Најдолго отсутни

Учениците од Македонија првпат по 54 седмици поминати пред екраните, во средата се вратија во училишните клупи. Ако се спореди со податоците од другите земји во Европа и во Централна Азија, тоа е долг период. Просекот на отсуство од училиштата во другите земји е 25 седмици.

Претставникот на СЗО во Македонија, Џихан Тавила, вели дека ковид-19 станува вирус со кој мора да научиме да живееме, па сега, императив е да се намали нарушувањето во образованието на децата и младите, без оглед на нивната возраст.

– Доказите се јасни дека отсуството од училиште предизвикува значителна штета по образовниот успех, животните шанси, менталното и физичкото здравје. Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици, особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски – додава Тавила.

Но, не е важно само да се вратат учениците, туку и образовните модели да се прилагодат за да им овозможат на децата вештини потребни за „новото нормално“. Во оваа смисла, пандемијата со ковид-19 е и повик за преосмислување на наставните програми, предавањето, технологијата и школската инфраструктура. Наставниците треба да се препознаат како крвоток на образовниот систем, да нудат повеќе практична настава и иновативност.

Студија спроведена во јули лани од „Фајнанс тинк“ и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, заклучи дека пандемијата откри дека ИКТ вештините на наставниците се недоволни за воведување учење на далечина, како и дека ја засили детската сиромаштија во Северна Македонија и турна дополнителни 16.000 деца под прагот на сиромаштијата, а семејното насилство се зголемило при што речиси 10 проценти од жртвите биле деца.

Поврзани содржини