ШТО ДА СЕ ИЗГРАДИ НА КВАРТОТ „РАСАДНИК“? Кисела Вода објави меѓународен конкурс за идејно решение
Во новиот конкурс е олеснет процесот за конкурирање, не е поставен лимит за пристигнати трудови, олеснување имаат и студентите кои можат да конкурираат без проектантско биро.
Општина Кисела Вода го реобјави меѓународниот конкурс за идејниот лик на градскиот кварт Ј14, попознат кај нашите граѓани како ДУП Расадник. Од денес, па во наредните четири месеци тој ќе биде предизвик за сите оние кои ќе понудат иновативни решенија за квалитетно, одржливо, хумано, здраво живеење и заштита на животната средина за жителите на Кисела Вода, се вели во соопштението на Општината.
„Ги охрабруваме сите домашни и меѓународни стручњаци од областа на архитектонско-урбанистичкото планирање, сите оние кои во овој проект препознаваат предизвик за работа и професионален развој, да ни ги испратат своите идејни решенија за Меѓународниот конкурс за идејниот лик на Расадник. Се надеваме дека заеднички ќе овозможиме квалитетно, одржливо, хумано, здраво живеење и заштита на животната средина за жителите на Кисела Вода, кои пак, треба и мора да бидат императив во работата на секоја свесна и совесна локална самоуправа“ – се вели во соопштението на Општина Кисела Вода.
Во новиот конкурс е олеснет процесот за конкурирање, не е поставен лимит за пристигнати трудови, олеснување имаат и студентите кои можат да конкурираат без проектантско биро. Дополнително, сите конкурсни документи сега ќе може да се стават на електронски медиум (CD или USB) кој понатаму, ќе треба во затворен коверт да се прати до Општина Кисела Вода. Ова значително финансиски им помага на странските учесници и беше дел од нивните барања.
Од денес 15.03.2022 до 03.07.2023, е јавно достапен на веб страната на Бирото за јавни набавки https://www.e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/46dfaa8e-a95d-442c-bacf-bab88806cd38/6.
Потсетуваме на наградите во износ од 15.000, 8.000 и 3.000 евра за прво, второ и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од по 2000 евра, за кои ќе одлучува 9-члена меѓународна стручна жири комисија во која се вклучени и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода. Сите евентуални дополнителни прашања може да се поставуваат и на е-маил адреса [email protected]. – информира Општината.