ШТО ДА ПРАВИТЕ КОГА АЛЦХАЈМЕР ЌЕ ВИ ЈА УКРАДЕ САКАНАТА ЛИЧНОСТ? Лицата со деменција забораваат, но не смеат да останат заборавени
Jа нарекуваат епидемија на 21-от век, а ние тапкаме во место и не сме подготвени да се справиме со неа, вели доктор Габриела Новотни од Клиниката за неврологија и претседател на здружението за подобрување и унапредување на правата на лицата со Алцхајмерова болест - Институт за Алцхајмерова болест и Невронаука, воочи 21.септември, денот на Алцхајмеровата болест кој ќе биде одбележан на скопскиот плоштад во среда, од 13 до 15 часот.
„Науката вели дека болеста започнува во мозокот околу десет па и дваесет години пред да се појават првите симптоми. Долгогодишен сопатник, „паразитира“ скоро една третина од животот и се храни со туѓите спомени. Најпрво свива гнездо во делот од мозокот каде што е библиотеката на нашите спомени. Тука му е убаво, како на големо филмско платно, воајерски ги разгледува сите слики-спомени, кои нанижани една до друга, обоени со радост, тага, среќа, копнеж и сите други форми на емоции го прават колажот едноставно наречен живот.
На почетокот се храни со оние скорешните, најновите спомени, па предметите мистериозно исчезнуваат од домот, или се на погрешни места или се раѓа сомнеж дека некој ги краде. Мислата се прекинува и останува недовршена, годината е некоја претходна, веќе измината, а прашањата исти та исти се повторуваат во денот како реприза на веќе видена епизода од серија. Но никој сè уште не се сомнева дека ова е масло на тивкиот крадец на спомените. Минуваат месеци, па и години и како што се храни со туѓите спомени станува поголем, посилен, похрабар, па се раскомотува удобно во мозокот како тој да е домаќин, а не непоканет гостин. Си прави доградба-дивоградба на својата куќа во делот од мозокот кој е одговорен за ориентација, па веќе враќањето дома по испиеното кафе кај комшиката станува предизвик и бескраен лавиринт од улици и улички кој нема крај. Страв, несигурност, тага, сè почесто ви прават друштво, а го избегнувате друштвото на пријателите зашто веќе и нивните имиња и ликови се толку помешани, па поудобно е да си бидете сам со себе и со натрапникот кој се храни со вашиот живот. Но тој нема мерка…“.
Ова е дел од сликовитиот опис на Алцхајмеровата болест на Габриела Новотни, невролог на Универзитетската Клиника за неврологија во Скопје и претседател на здружението за подобрување и унапредување на правата на лицата со Алцхајмерова болест, како и на членовите на нивните семејства, во предговорот за книгата инспирирана од животот на авторката со нејзината мајка која боледува од Алцхајмер („Кога мама заборави да ме сака“).
21 септември е светски ден на Алцхајмеровата болест, една од оние болести кои се сѐ уште табу, болест која се крие од соседите, од пријателите, од средината, болест од која се срамиме, сѐ додека не нѐ натера да заборавиме на сѐ, па дури и на срамот.
Целиот текст прочитајте го на порталот „Мајка и дете“.