ШТО ЧЕКАМЕ, ДА СЕ ИЗМОРАТ ХАКЕРИТЕ? Македонија официјално не побарала помош од НАТО за бомбите!?
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неколку наврати тврдеше дека „партнерските служби од НАТО, Интерпол и од Европол се вклучени во истрагата“, но нема трага од формално барање за помош од Алијансата.
Македонија досега не упатила формално барање до НАТО за асистенција при откривањето на испраќачите на стотиците лажни дојави за подметнати бомби кои пристигнуваат со недели во македонски училишта и институции, тврди Слободен печат повикувајќи се на свои извори во Алијансата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неколку наврати тврдеше дека „партнерските служби од НАТО, Интерпол и од Европол, исто така се вклучени во истрагата и во обезбедувањето информации за заканите со бомби што досега се покажа дека биле лажни“.
Од Министерството за одбрана за „Слободен печат“ изјавиле дека истрагата за лажните дојави за бомби е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, но дека „од комуникацијата со МВР“ можат да потврдат дека „се користат механизмите на меѓународна помош, меѓународни безбедносни и полициски организации“, избегнувајќи притоа директен одговор на прашањето дали е упатено официјално барање за помош до НАТО.
Експерти сметаат дека откривањето на изворот на ваквите хибридни напади е многу тешко, и дека земјава има право и треба да побара помош од надвор, зашто станува збор за глобален проблем што треба глобално да се решава.