Што бил застојот – се спремал системот за документи со новото уставно име

Надминат е проблемот со набавката на регистарските таблички, во понеделникот се стасани 14.000 таблички кои се сместени во магацините на МВР.

666

Се врши миграција на податоци на новиот надграден систем, по што од понеделник почнуваме повторно со подготовка на издавање на сите документи, кои што ќе бидат усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име и со другите законски податоци, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

На прашање од пратеничката Ане Лашкоска, од ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе има пасоши и регистарски таблички, министерот Спасовски, посочи дека во ниту еден момент досега нема застој во издавањето на патни исправи, лични карти, возачки дозволи или било каков друг документ во државата.






Спасовски рече дека во мај се издадени 31.500 патни исправи, 22.552 лични карти и 10.663 возачки дозволи и дека во јуни побарувањето значително се зголемува и само во периодот од 20 до 30 јуни, има 31.500 повици и дадени термини за лични карти.

– Што се однесува на дипломатските пасоши, за тоа сте во право. Старите обрасци, кои што ги имаме, затоа што не била направена добра проценка во одреден момент во МВР не се нарачани и бидејќи, имавме нарачано нови обрасци, немаме доволно дипломатски пасоши. Меѓутоа, тоа не е проблем за граѓаните, тоа е проблем за функционерите – изјави Спасовски и додаде дека тие ќе треба да се стрпат до 1 јули годинава.

И за набавката на регистарските таблички, Спасовски потврди дека имало проблем и застој со јавната набавка, но додаде дека проблемот е надминат и во понеделникот се стасани 14.000 таблички во магацините на МВР.

– Сметам дека е некоректно да се изнесуваат невистини на говорница дека е склучен договор за јавна набавка од крајна итност од 11 милијарди денари. Точно е дека е склучен договор за јавна набавка од крајна итност, за да го покрие периодот од престанокот на договорот, до склучувањето на новиот договор во висина од 9,5 милиони денари. Новиот договор за јавна набавка, кој што е во транспарентна отворена постапка е на сто милиони денари, за наредните три години, како рамковна спогодба, без ДДВ – појасни Спасовски.

Поврзани содржини