ШТО АКО ПОВЕЌЕТО ОПШТИНИ БЕА НА СДСМ? Муцунски ја предизвика објективноста на Владата
Муцунски истакнува дека кризата ќе има сериозни последици врз локалната самоуправа, но смета дека доколку мнозинството градоначалници беа од владејачката партија, во пакетот анти-кризни мерки кои ги претстави владата пред некој ден, со сигурност ќе имаше и некоја мерка која ќе се однесуваше на општините.
Владата пред неколку дена објави сет од 26 мерки со кои е планирано да им се помогне на граѓаните и на компаниите за полесно да се справат со големата економска криза во која се наоѓа земјата, но ниту една од нив не беше насочена за општините. Локалните власти во последно време постојано потенцираат дека се соочуваат со големи проблеми и бараат финансиска помош од Владата, особено за намалените дотации и трансфери, но од Илинденска број 2 како да немаат слух за нивните барања.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски за Плусинфо вели дека според нивната проценка, поради здравствената, економската, енергетската и сега безбедносната криза, очекуваат нивниот буџет да биде ослабнат за еден милион евра.
– Станува збор за многу сериозна сума и очекуваме да имаме тешкотии во работењето. Паралелно со тоа се соочуваме со големи проблеми поврзани со дотациите и трансферите од страна на централната власт. Значително се намалени дотациите во делот на образованието, а исто така и кај градинките, но нашиот пристап е дека и покрај сите предизвици со кои се соочуваме како општина мораме да работиме фокусирано на решавање на проблемите на граѓаните – ни изјави Муцунски.
Тој потенцира дека за разлика од Владата, тие уште од првиот момент антиципирале дека со ваков проблем ќе се соочат, па поради тоа се преземени мерки за максимално искористување на општинскиот буџет. Муцунски додава дека се скратени сите дополнителни непродуктивни трошоци кои биле користени од претходната власт.
– Кај граѓаните не проаѓа тоа, дека немате средства, затоа што тоа нема тежина, затоа што тие очекуваат тоа што сме го ветиле во кампања и да го реализираме. Можам јас постојано да кажувам на прес-конференции колку ни се скратени дотации и трансферите, родителите кога ќе ги однесат децата во градинка или на училиште, не очекуваат иста туку поквалитетна услуга. И покрај сите предизвици со коишто се соочуваме, ние ќе продолжиме да работиме во интерес на граѓаните – рече градоначалникот на Аеродром.
Муцунски истакнува дека кризата ќе има сериозни последици врз локалната самоуправа, но смета дека доколку мнозинството градоначалници беа од владејачката партија, во пакетот анти-кризни мерки кои ги претстави Владата пред некој ден, со сигурност ќе имаше и некоја мерка која ќе се однесуваше на општините.
Првиот човек на општина Чаир и еден од потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу во неговото гостување на „Утрински брифинг“, вели дека општините во Македонија западнаа во многу големи проблеми поради актуелните кризи.
– И ние во локалната власт се соочуваме со проблеми, бидејќи некои рурални општини можеби ќе немаат ни средства за плати затоа што сега сите средства ќе треба да одат на трошоци. Главен проблем е енергијата, но имаме и многу ингеренции како што се одржувањето на училиштата. Ние во Чаир имаме 10 основни училишта и сметките за струја ни се качени за пет пати што е преголем трошок – вели Ганиу.
Тој додава дека ги сфаќаат и министрите, но кризата е голема. Поради тоа очекува овие денови да има средба со претставници на Владата и да се обидат да ги решат проблемите, затоа што според него ЗЕЛС е партнер на владата и секое побарување од нивна страна гледаат да биде унифицирано.
Во вчерашната емисија Вин-Вин на Телма, градоначалничката на Скопје и претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска рече дека бара од Владата да си ги испочитува обврските, а тоа се дотациите што секоја година се помали.
– Многу тешко е да покажете чекори на добра волја кога некој не сака да комуницира со општините. Општините најблиску до граѓаните, во ЗЕЛС сме 81 на број и ние во моментов сами го носиме товарот на кризата, енергетска и економска – рече Арсовска.
Според неа иако мерките и политиките за справување со кризата се носат на централно ниво целиот товар е на грб на општините.
– Ние не бараме пари за нас, туку за граѓаните. Ние имаме одговорност со јавните претпријатија за вода, тука се пречистителни станици, пожарна, образованите и културните институции имаат потреба од дополнително финансирање што е обврска на национална власт преку дотациите. Владата има обврска да ги намирува овие обврски. На пример дотациите што се обврски за образованието сега се скусени. За да најдеме решение на овој проблем треба да се седнеме на маса. Немаме одговор за нашите барања од Влада иако ни беше кажано дека ќе имаме за три дена. Поминаа три месеци. Во ЗЕЛС сме претставници на сите политички партии, сите градоначалници, сите тие имаме исти проблеми и заклучоците се носат со консензус. Не е ова политика, ова потреба да се помогне на граѓаните. Ако владата не сака да разговара, тогаш нека ги земат сите обврски назад – изјави Арсовска.
Засега молк од страна на Владата во врска со барањата од ЗЕЛС за средба и апелите за финансиска помош поради проблемите со кои со соочуваат локалните власти, и покрај тоа што поставивме прашања во врска со оваа тема, до објавувањето на текстот не добивме одговор од нивна страна.