Што ако имате позитивен тест за ковид-19 пред да тргнете на одмор во Грција?
Сите луѓе кои веќе уплатиле за одмор во Грција, а кои се спречени да го реализираат одморот поради ковид-19, ќе добијат ваучер во вредност од уплатата и ќе можат да го искористат до крајот на следната година, велат од туристичката агенција „Савана“.
Доколку вашиот ПЦР или брз тест е позитивен на ковид-19 пред тргнување на одмор во Грција, туристичката агенција преку која сте го закажале аранжманот ќе ви издаде ваучер во висина од уплатените пари и тој ваучер ќе можете да го искористите тогаш кога ќе го победите вирусот, односно најдоцна до крајот на следната година.
Ова за Плусинфо го велат вработени во неколку скопски туристичките агенции, кои, како што појаснуваат, уплатените пари ќе им ги вратат на муштериите во вид на ваучер дури и ако се воведат нови мерки за заштита од ширењето на пандемијата, односно ако се случи ново затворање на границите.
Од друга страна, тие се жалат дека во споредба со годините пред пандемијата, оваа сезона е драстично намален интересот за летување во Грција.
– Имаме договори со нашите оператори во Грција, бидејќи работиме во време на пандемија и свесни сме дека сè може да се случи, не само позитивен ПЦР тест, туку и затворање на границите. Па така, сè што правевме лани, останува на сила. Сите луѓе кои веќе уплатиле за одмор во Грција, а кои се спречени да го реализираат одморот поради ковид-19, ќе добијат ваучер во вредност од уплатата и ќе можат да го искористат до крајот на следната година. На пример, до декември годинава траат ваучерите од лани. Веќе се искористени неколку ваучери од минатата година. Имавме пролонгирање на ваучерите на неколку странки кои имаа објективна причина дека оваа година не ќе можат да патуваат и дозволивме да може да се реализира наредната. Имаше еден случај на позитивен, со тоа што не се откажа целиот аранжман, туку само едно лице не отпатува, само се рефундираше остатокот – велат од туристичката агенција „Савана“.
Влезот на наши државјани во Грција засега е возможен со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, брз тест не постар од 48 часа, сертификат за примена вакцина со 14 дена поминати од втората доза или доказ дека имате прележано ковид-19 во изминатите два до девет месеци.
За децата до 12 години не е потребно приложување негативен тест за ковид-19.
Сите патници кои влегуваат во Грција, независно од државјанството, мораат да го пополнат формуларот ПЛФ на веб-страната travel.gov.gr, најмалку 24 часа пред датумот за влез. Овој формулар се смета за неопходен патнички документ за секој вид на влез во Грција.
Причината за воведување на ваквиот формулар е за да се намали чекањето на граничните премини, како и да се воведе поголема контрола врз ситуацијата со ковид-19.