ШТО АКО ГРИПОТ И КОВИДОТ ГИ СПОЈАТ СИЛИТЕ Дали е безбедно да се примат двете вакцини во исто време?
Инфектолозите се плашат дека во текот на есента и зимата ќе има повеќе пациенти кои ќе бидат заразени и со коронавирусот и со сезонскиот грип, вели д-р Горан Стевановиќ, член на Кризниот штаб за сузбивање на ковид, во интервју за „Вечерње новости“.
„Дали имам корона или тоа е само грип?“, е прашање што веројатно сите го поставивме барем еднаш од почетокот на пандемијата. Бидејќи сезоната на грип е на прагот и сè повеќе луѓе страдаат од ковид, ова прашање е повторно актуелно.
Затоа, некои инфектолози, како што е д-р Горан Стевановиќ, член на Кризниот штаб во Србија, предупредуваат дека истовремената инфекција со ковид и сезонски грип може да доведе до компликации кај невакцинираните луѓе и ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат против грип.
– Во екот на вакцинацијата против ковид-19, нема причина да се плашиме од вакцинација против грип, имаме многу искуство, знаеме како функционира и што е грип. Овие две вакцини немаат допирни точки и можат да се применат во исто време или со која било временска разлика – изјави Елеонора Гвозденовиќ, инфектолог и професор на Медицинскиот факултет во Белград, за српскиот Би-Би-Си.
Инфектолозите се плашат дека во текот на есента и зимата ќе има повеќе пациенти кои ќе бидат заразени и со коронавирусот и со сезонскиот грип, вели д-р Горан Стевановиќ, член на Кризниот штаб за сузбивање на ковид, во интервју за „Вечерње новости“.
Според него, најлошата можна варијанта е и двете инфекции да се појават кај оние кои не биле вакцинирани против ниту еден од овие два вируса. Меѓутоа, малку е веројатно дека некој ќе биде заразен со двата вируса истовремено.
Инфектологот додава дека лекарите немаат многу искуство во врска со манифестацијата на грип по ковид, но може да се очекува дека во тој случај пневмонијата ќе биде почеста, поизразена, бидејќи ковид-19 веќе се манифестира со пневмонија.
Што е грип и кои се симптомите?
Грипот е најтешката вирусна болест на респираторните органи, се појавува сезонски и се пренесува преку капки. Оваа болест е предизвикана од вирусот на грип и може да потрае од еден до три дена од моментот на инфекција, до појава на симптоми.
– Карактеристично е тоа што постојано се менува малку, што остава имунитет само на видот на вирусот што ја предизвикал болеста – објаснува д-р Гвозденовиќ.
Пациентите може да имаат треска што може да се зголеми до 40 степени, особено во првите три дена од инфекцијата и вообичаено е температурата да остане покачена четири до шест дена. Замор, главоболка, болка во мускулите и зглобовите, слабост, гадење, поспаност, дезориентација и губење на апетит се исто така симптоми на грип. Респираторни симптоми како што се болки во грлото, затнат нос, сува кашлица или засипнатост обично се појавуваат по еден или два дена.
Најчеста компликација е пневмонијата, но грипот може да доведе и до срцева слабост, аритмија и невролошки проблеми. Фаталниот исход може да се случи поради инфекција на целите бели дробови, но ваквите случаи се ретки, вели Гвозденовиќ.
Како да се заштитиме од сезонскиот грип?
Активна имунизација против грип се препорачува за лица постари од шест месеци. Се администрира со една или две дози на вакцина пред почетокот на сезоната на грип, во зависност од возраста. Особено се препорачува за лица изложени на ризик од тешка клиничка слика и компликации, како што се бремени жени, лица постари од 65 години, лица со хронични бели дробови, малигни, кардиоваскуларни, метаболни и други болести и членови на нивните семејства.
– Сегашната вакцина против грип се користи во последните дваесет години и многупати беше прилагодена на сезонските промени во вирусот – вели Елеонора Гвозденовиќ.
Вирусот се менува од сезона во сезона, што е најголем предизвик за лекарите и научниците.
Покрај имунизацијата, општите мерки за превенција вклучуваат избегнување контакт со заразени лица, редовно миење раце, избегнување допир на очи, нос и уста, како и проветрување на просториите каде што престојуваме.
Во екот на пандемијата на коронавирусот, многумина се прашуваат дали е безбедно, покрај вакцините против ковид-19, да ја примат онаа против сезонски грип.
Меѓутоа, овие две вакцини „немаат допирни точки“, така што граѓаните можат да ги примат и двете, без да се грижат за временскиот интервал во кој ќе се извршат имунизации, тврди Гвозденовиќ.
– Многу луѓе постојано, или повремено, се вакцинираат против грип, затоа ги советувам да продолжат со таа практика – заклучува таа.