ШТО ЈАДЕ ДОНЧИЌ ЗА ДА БИДЕ ВО ФОРМА? Диетата што му ја менува кариерата на Словенецот
Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ се придржува до стриктна диета со пост, висок протеински внес и целосно избегнување на глутен и шеќери, во обид да ја достигне врвната спортска форма.
Списанието „Men’s Health“ ја објави исхраната на словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ, кој, и покрај честите критики за прекумерна телесна тежина, последните сезони сериозно се посветил на својата кондиција и здравје.
Диетата што ја практикува кошаркарот на Лејкерси вклучува 16-часовен пост секој ден, освен во недела. Дончиќ не внесува ниту една калорија од 20:30 навечер до 12:00 часот следниот ден, а првиот тренинг го прави токму на крајот од овој период на гладување. Ваквата стратегија има за цел намалување на воспаленијата и максимално согорување на мастите.
Прехранбениот режим на Дончиќ се заснова на висок протеински внес – најмалку 250 грама дневно, претежно од посни животински извори како јајца и пилешко месо. Протеините ги надополнува со шејкови со ниска содржина на јаглехидрати и шеќер, кои ги подготвува со бадемово млеко.
Во исхраната, исто така, голем акцент се става на омега-3 масни киселини, кои ги добива преку маслиново масло, авокадо, јаткасти плодови и масна риба, како што е лососот. Тие, покрај тоа што го чуваат срцето, имаат и силен антиинфламаторен ефект.
Како десерт, Дончиќ најчесто избира овошје со силни антиинфламаторни својства, особено црвеното овошје. По напорните тренинзи, внимателно надоместува изгубени витамини и минерали со зголемен внес на зеленчук.
Глутенот е целосно исфрлен од неговото мени – кошаркарот избегнува храна која содржи пченица, а внесот на скробни јаглехидрати како ориз и компири го сведува на минимум.
Иако Дончиќ во последните две сезони често беше предмет на критики поради вишок телесна тежина, оваа диета и новиот пристап кон телото покажуваат дека словенечкиот ас е целосно посветен на здрав животен стил и врвна спортска форма.