ШТО ЈА КОЧИ ЕКСТРАДИЦИЈАТА НА ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ? Се чекаат административните документи соопшти заменик министерката за правда
Судската постапка е завршена, се чекаат административните документи да се завршат и очекуваме дека Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран, вели заменик министерката за правда Викторија Аврамовска - Мадиќ.
Љупчо Палевски, осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, кој моментно се наоѓа во притвор во Турција, се очекува да биде екстрадиран веднаш по завршувањето на административните процедури, рече заменик на министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ на денешната прес-конференција.
– Министерот за правда беше во посета на неговиот колега во Турција и како што беше информирана јавноста од Министерството за правда, судската постапка е завршена, се чекаат административните документи да се завршат и очекуваме дека Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран, рече Аврамовска – Мадиќ одговарајќи на новинарски прашања.
На денешната прес-конференција Аврамовска – Мадиќ истакна дека не сака да го коментира писмото кое Љупчо Палевски преку партијата Десна го испрати до медиумите, бидејќи, како што рече, сè што е поврзано со судската постапка може да биде погрешно сфатено во јавноста.
– Не можам да го коментирам тоа сè додека трае постапката и сè што е поврзано со судската постапка може да биде погрешно сфатено во јавноста и да наштети на самата постапка, рече Аврамовска – Мадиќ.
Министерот за правда Кренар Лога и неговиот турски колега Јилмаз Тунч минатиот месец остварија средба на која разговараа за постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, при што Лога бил информиран од турскиот колега дека судскиот процес за Палевски е завршен и се очекува да завршат и административните процедури.