ШТИП ВЕЧЕРВА ЌЕ СВЕТИ ВО ЧЕСТ НА ПАНЧО Ѕвездено небо за фронтменот на ДНК
Штип подготвува симболичен собир во чест на Владимир Блажев – Панчо, фронтменот на ДНК кој седум месеци се бореше со повредите од трагедијата во „Пулс“.
Во чест на Владимир Блажев – Панчо, кој вчера им подлегна на повредите здобиени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вечерва во 20 часот на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип ќе се одржи настан под мотото „Ѕвездено небо во чест на Панчо“.
Настанот ќе биде симбол на љубов, тишина и светлина, на кој граѓаните ќе запалат свеќи и ќе ги кренат светлата кон небото, во спомен на младото момче кое седум месеци се бореше за живот.
„Во негова чест, под отворено небо, Штип ќе застане во тишина и светлина за младиот човек кој зад себе остави неизбришлива трага меѓу пријателите, семејството и целата заедница,“ порачаа организаторите.
Повикот за учество масовно се шири преку социјалните мрежи, придружен со емотивната порака:
„Небото да блеска како што Панчо блескаше со сите нас.“
Организаторите апелираат сите, без разлика дали лично го познавале или не, да дојдат и заедно да го осветлат небото во негова чест.
Панчо стана 63. жртва на пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, трагедија која ја потресе целата држава и остави длабока трага во јавноста.
ТАЖНА ВЕСТ, ПОЧИНА ПАНЧО ОД ДНК Пејачот не успеа да се избори со повредите од трагедијата во „Пулс“