ШТЕТА ШТО НЕ СЕ СРЕТНАА БЛИНКЕН И ЛАВРОВ ВО СКОПЈЕ Зошто постои ОБСЕ ако не за такви разговори, праша унгарскиот министер Сијарто
Верувам дека таква комуникација, таков директен контакт ќе биде од корист за сите нас, за цела Европа и за мирољубивите луѓе. Која би била другата причина за постоењето на ОБСЕ ако не за дијалог меѓу колегите од Истокот и Западот – рече шефот на унгарската диплоамтија Петар Сијарто.
Наместо натамошно оддалечување меѓу Истокот и Западот и на нивните економии, да се даде шанса на враќање на цивилизираната соработка или барем на дијалогот, беше главната порака на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во неговото обраќање на 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.
Тој посочи дека како земја учесничка на ОБСЕ се надевале дека Министерскиот состанок ќе биде можност за директна средба и комуникација меѓу претставници на Русија и Соединетите Американски Држави (Сергеј Лавров и Ентони Блинкен) и изрази жалење што тоа не се случило.
– Навистина се надевавме дека овде, во прекрасниот град Скопје, ќе можеме да го искористиме истовременото присуство на колегите од Русија и Соединетите Држави. И покрај тоа што се многу важни луѓе, многу важни личности, со многу набиена агенда, но навистина се надевавме на директна комуникација меѓу нив. И со жалење гледаме дека тоа не се случи. Иако верувам дека таква комуникација, таков директен контакт ќе биде од корист за сите нас, за цела Европа и за мирољубивите луѓе – рече Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија истакна дека Унгарија не сака повторно да биде губитник како во времето кога светот беше поделен на блокови. Наспроти повторна поделба на светот на блокови, тој рече оти како земја сакаат да видат глобална соработка.
– Ние Унгарците страдавме под комунистичка диктатура 40 години во свет кој беше поделен на блокови. Трпевме опресија од Истокот и бевме игнорирани од Западот и бевме губитници во светот поделен на блокови. Не сакаме повторно да бидеме во период од историјата во кој повторно ќе бидеме губитници. Така што, ве молам немојте да го делите светот на блокови повторно. Наместо блокови би сакале да видиме глобална соработка, сакаме да видиме поврзаност и сакаме да видиме враќање на заемната почит во меѓународниот политички живот. Сакаме да видиме цивилизирана соработка меѓу Истокот и Западот од која може да имаме голема корист – рече Сијарто.
Во таа насока, рече тој, може да се искористи ОБСЕ.
– Се надеваме дека може да го искористиме постоењето на ОБСЕ како платформа за дијалог меѓу Истокот и Западот. Која би била другата причина за постоењето на ОБСЕ ако не за дијалог меѓу колегите од Истокот и Западот – рече министерот за надворешни работи на Унгарија.
Говорејќи за војната во Украина, Сијарто рече дека единственото решение за кои се залагаат е постигнување мир.
– Јас претставувам нација чии припадници умираат во оваа војна. Постои значителна заедница на Унгарци кои живеат во Украина, околу 150.000, и бидејќи се граѓани на Украина, тие се мобилизирани во украинската армија. Голем дел од нив се распоредени на фронтовските линии и голем дел од нив, за жал, се загинати. Не сакаме веќе да умираат Унгарци, но и генерално кажано, не сакаме луѓе да умираат во нашето соседство. Затоа го гледаме мирот како единствено решение и единствен начин да се спасат животите на многу луѓе и натамошно уништување – рече министерот за надворешни работи на Унгарија Петар Сијарто.