Шпионскиот скандал неприфатлив за лидерите од ЕУ, бараат објаснување од Данска

Ние сакаме искрен пристап, сметаме дека е неприфатливо да се прислушкуваат сојузниците - рече шведскиот министер за одбрана Питер Хултквист.

277

Неколку европски земји сакаат Данска да објасни зошто нејзините тајни служби наводно и помогнале на САД да ги шпионира европските лидери, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел, пред повеќе од седум години.

– Ние сакаме искрен пристап, сметаме дека е неприфатливо да се прислушкуваат сојузниците – рече шведскиот министер за одбрана Питер Хултквист.






Данскиот пратеник Карстен Хоенге од левичарската Социјалистичка народна партија, која ја поддржува данската влада, во понеделникот рече дека во парламентот ќе бидат повикани министрите за одбрана и правда во врска со овој случај.

Норвешкиот премиер Ерна Солберг рече дека е неприфатливо земјите кои соработуваат тесно и сојузнички, не треба да се шпионираат едни со други или да собираат информации.

– Шпионирањето на другите предизвикува поголема недоверба отколку што ја поддржува соработката, тоа не е паметна инвестиција за САД – рече премиерката за норвешкото радио „НРК“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја, исто така, наводно била мета на американските разузнавачки служби, исто така смета дека ако ова е вистинска информација, тоа не е гест што е прифатлив меѓу сојузниците.

Тој ги повика Соединетите држави целосно да ги разјаснат минатите факти, но и досегашната практика по ова прашање во односите со европските сојузници.

Говорејќи на истата виртуелна прес-конференција по билатералните разговори во понеделникот меѓу Париз и Берлин, германската канцеларка Ангела Меркел рече дека прашањето за прислушувањето било претходно разговарано со САД, а Германија тогаш јасно стави до знаење дека шпионирањето меѓу пријателите не е прифатливо.

Данските медиуми претходно објавија дека данската тајна служба и помогнала на Американската агенција за национална безбедност (НСА) да ги шпионира европските лидери, вклучително и германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Дека Соединетите држави ги шпионираат своите сојузници прв пат излегоа на виделина во 2013 година, но новинарите дури сега добија пристап до извештаите со детали за поддршката на „НСА“ од данската разузнавачка служба на „ФЕ“.

Поврзани содржини