ШПИОН, ДИПЛОМАТ И АВТОР НА КОНТРОВЕРЗНА КНИГА Кого сѐ испрати Путин на преговорите во Истанбул?

На чело на делегацијата е помошникот на рускиот лидер, Владимир Медински – поранешен преговарач и автор на контроверзен учебник по историја што ги слави советската моќ и „препородот“ на Русија под водачот Владимир Путин.

734

Само нешто повеќе од еден час пред полноќ по московско време, на 14 мај, Кремљ го објави списокот на руски претставници што ќе учествуваат на преговорите што лично ги иницираше Владимир Путин.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска испрати само свои помошници и заменици-министри, со што го одби барањето на Киев за лична средба со Володимир Зеленски.






Во составот се најдоа разнолики ликови – од ветерани на неуспешните преговори од 2022 година, преку високопозиционирани дипломати и разузнавачи, до идеолошки кадри блиски до Кремљ.

Автор на учебник по терк на Путин

На чело на руската делегација ќе биде помошникот на претседателот Путин, Владимир Медински.

Медински, роден во советска Украина, веќе имаше истакната улога во неуспешните мировни преговори во 2022 година. Образован на престижниот Московски државен институт за меѓународни односи (МГИМО), тој е познат и како автор на училишен учебник по историја што промовира путинова верзија на минатото – славење на достигнувањата на Советскиот Сојуз, огорченост поради неговиот распад и глорификација на „препородот“ на Русија под водство на поранешниот агент на КГБ, објави Ројтерс.

Во делегацијата има и разузнавач и заменици-министри

Други членови на делегацијата се:

  • Михаил Галузин, заменик-министер за надворешни работи, задолжен за односите со земјите од Заедницата на независни држави (ЗНД). Дипломирал на Институтот за азиски и африкански студии при Московскиот државен универзитет, зборува течно јапонски и англиски.
  • Игор Костјуков, директор на руската воена разузнавачка служба ГРУ (денес често нарекувана само ГУ). Тој е првиот морнарички офицер што бил поставен на чело на оваа моќна агенција.
  • Александар Фомин, заменик-министер за одбрана, кој учествувал и во мировните преговори во 2022 година.

Кои се останатите експерти што ќе бидат на преговорите?

Покрај главната делегација, Путин одобрил и список на експерти што ќе учествуваат во преговорите:

  • Александар Зорин, прв заменик-началник на информативната управа на Генералштабот. И тој е роден во советска Украина, имал важна улога во руската воена интервенција во Сирија и е познат по обидите да ги помири завојуваните страни.
  • Јелена Подобреевска, заменичка на шефот на Рускиот директорат за хуманитарна политика.
  • Алексеј Полијшчук, директор на Одделението за ЗНД во Министерството за надворешни работи, надлежен за Украина, Белорусија и Молдавија.
  • В. Шевцов, заменик-шеф на Главната управа за меѓународна воена соработка при Министерството за одбрана на Русија.

Овој состав на делегацијата покажува дека Москва на преговорите пристапува со мешавина од политички, воени и идеолошки претставници – со силна симболика, но и со задржување на клучната моќ за одлучување кај највисокото државно раководство.

ЗАПАДОТ СО ОСТРИ РЕАКЦИИ ЗА „НАВРЕДЛИВАТА ДЕЛЕГАЦИЈА“ НА РУСИЈА Трамп сака крај на војната што е можно побргу

Поврзани содржини