ШПАНИЈА ВАДИ АС ОД ПРАИСТОРИЈАТА Фосил на мини-диносаурус открива каде има дупка во еволуцијата
Експерти оценуваат дека новиот диносаурус помага да се пополни празнина од околу 70 милиони години во европската палеонтолошка историја и претставува мал, но клучен доказ за исчезнато еволутивно поглавје.
Мал диносаурус откриен во Шпанија ја менува науката за еволуцијата. Фосилите на новиот вид Foskeia pelendonum покажаа дека минијатурната големина не значи едноставна анатомија. Напротив, научниците утврдија дека овој тревојаден диносаурус имал неочекувано сложен и високо развиен череп.
Фосилите се пронајдени во областа Салас де лос Инфантес во северна Шпанија. Истражувачите идентификувале делови од черепи на најмалку пет единки. Животното одело на две нозе и достигнувало должина нешто поголема од половина метар. Во исправена положба би било високо колку човечко колено.
Палеонтолозите анализирале нови елементи од черепот кои откриваат необична комбинација од примитивни и напредни карактеристики. Според нив, анатомијата му е диспропорционално развиена во однос на телото, што ја доведува во прашање досегашната логика за еволуцијата на малите диносауруси.
– Минијатуризацијата не подразбира еволутивна едноставност – истакна еден од авторите на студијата.
Истражувањето е објавено во научно списание за палеонтологија и го сместува родот Фоскеја блиску до европската тревојадна група рабдодонтиди. Овој наод покажува дека во Европа постоеле повеќе независни еволутивни линии на мали диносауруси отколку што се мислело досега.
Foskeia pelendonum, a new rhabdodontomorph from the Lower Cretaceous of Spain & a new phylogeny of ornithischian dinosaurs https://t.co/il0YVrwIx3 #PapersinPalaeontology @MorphoSource pic.twitter.com/rt6i4i8shX
— The PalAss (@ThePalAss) February 3, 2026
– Ова не е мини-игуанодон. Станува збор за фундаментално различно животно. Неговата анатомија е чудна на начин што ги пренапишува еволутивните дрвја – наведува една од истражувачките.
Раководителот на истражувањето додава дека екстремно малата величина е првото нешто што го привлекува вниманието, но вистинската научна вредност лежи во сложеноста на черепот.
– Од првиот миг кога ќе го видите ова животно, се воодушевувате од неговата мала величина. А сепак, зачуван е високо развиен череп со неочекувани анатомски новитети – нагласува тој.
Други експерти оценуваат дека новиот диносаурус помага да се пополни празнина од околу 70 милиони години во европската палеонтолошка историја и претставува мал, но клучен доказ за исчезнато еволутивно поглавје.