Шпанија сака Македонија и Албанија заедно да ги почнат преговорите со ЕУ

129

Шпанија е силен поддржувач на Македонија и се залага за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа старт на преговорите за членство, истакна претседателот на шпанската Влада Педро Санчез на средбата во Мадрид со македонскиот премиер Зоран Заев.

Санчез нагласи и дека Шпанија е за почеток на пристапните преговорите и за Македонија и за Албанија во исто време.






На денешната, прва средба на премиерско ниво на шефовите на владите на Северна Македонија и Кралството Шпанија, Зоран Заев и Педро Санчез, изразено е исклучително задоволство од двете страни и средбата е оценета како историска и како нова, важна страница за натамошен развој на двете пријателски земји, соопшти владината прес-служба.

Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се согласија дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Македонија имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ и со тоа старт на преговорите.

Шпанија многу високо ги оценува реформите што ги спроведува Македонија, нагласи премиерот Санчез и потенцираше дека тоа, како и исполнувањето на другите критериуми за пристапување во ЕУ, се најважни процеси кои земјата ги оствари и испорача кон Брисел.

 

Поврзани содржини