ШПАНИЈА ПРОГЛАСИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ПОРАДИ ПРЕКИНОТ НА СТРУЈА Три региони побараа владата да ги обезбедува јавниот ред и мир
Во Андалузија, Екстремадура и Мадрид, шпанската влада ќе активира дополнителни овластувања за итни случаи, согласно законите за цивилна заштита.
Министерството за внатрешни работи на Шпанија прогласи национална вонредна состојба по прекинот на електричната енергија на национално ниво, објави Ројтерс. Додаде дека статусот на вонредна состојба ќе се применува во регионите што го бараат тоа. Досега, Мадрид, Андалузија и Екстремадура побараа од централната влада да ги преземе јавниот ред и другите функции, пишува „Гардијан“.
Шпанскиот премиер Педро Санчез одржа прес-конференција, на која даде најнови информации за состојбата во земјата. Тој истакна дека владата работи на надминување на проблемот што е можно побргу.
Во Андалузија, Екстремадура и Мадрид, шпанската влада ќе активира дополнителни овластувања за итни случаи, согласно законите за цивилна заштита. Санчез нагласи дека процесот на обновување на снабдувањето со електрична енергија е во тек низ целата земја, благодарение на интерконекторите со Франција и Мароко и на домашното производство, што, како што рече, „наскоро“ ќе овозможи повторно стабилно снабдување.
Тој објасни дека „силната техничка нестабилност во европскиот електроенергетски систем“ предизвикала прекин на струјата, но додаде дека засега нема „убедливи сознанија“ за конкретната причина за настанот.
Санчез остро предупреди да не се шпекулира за причините.
– Не ја исклучуваме ниту една можност, но мора да се насочиме кон најважното – повторното враќање на електричната енергија во нашите домови – подвлече премиерот.
Тој додаде дека болничкиот систем продолжува да функционира благодарение на резервните генератори, а иако банкоматите се погодени, основните банкарски услуги работат без прекин.