ШПАНИЈА ПРЕД ЖЕЛЕЗНИЧКИ КОЛАПС Синдикатот на машиновозачите најави генерален штрајк по двете тешки несреќи

По двете тешки железнички трагедии со десетици жртви, машиновозачите бараат итни мерки за безбедност и најавуваат штрајк

20

Шпанскиот синдикат на машиновозачи (СЕМАФ) денеска најави генерален штрајк во железничкиот сообраќај низ цела Шпанија, по двете тешки железнички несреќи во Каталонија и Андалузија, во кои загинаа најмалку 43 лица, а десетици патници се повредени.

„Ќе повикаме на генерален штрајк во целиот сектор за да се загарантира безбедноста и да се врати довербата во железничката мрежа“, соопшти СЕМАФ, без да наведе конкретен датум за почеток на штрајкот.






Во Каталонија, автономна покраина со околу 7,5 милиони жители, денеска привремено е прекинат сообраќајот на приградските железници. Компанијата за управување со железничката инфраструктура Adif врши итни проверки на пругите, откако по силното дождливо невреме дојде до одрони на земја и камења на шините.

Во последната несреќа, воз кој сообраќал во близина на Барселона налетал на урнат заштитен ѕид што паднал врз шините и првиот вагон. Животот го загуби 27-годишен машиновозач, дел од група практиканти кои се наоѓале во возот. Лекарска помош побарале 37 патници, од кои петмина биле пренесени во болница со тешки повреди.

Речиси истовремено, друг воз во Каталонија удрил во одронета карпа, при што дошло до пукање на оската, но без повредени лица. Во регионот веќе четири дена беснее силно невреме со обилни врнежи и силен ветер.

Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, за телевизијата Telecinco изјави дека токму екстремните временски услови се причина за двете несреќи и најави разговори со синдикатот во обид да се спречи штрајкот.

Каталонската регионална влада повика на минута молк во 12:30 часот во чест на загинатите.

Пред четири дена, во јужната покраина Андалузија, се судрија два брзи воза, при што загинаа најмалку 43 лица, а околу 30 патници се хоспитализирани. Несреќата се случила откако на возот што сообраќал од Малага кон Мадрид му се одвоиле последните три вагони и преминале на соседниот колосек, каде што во нив удрил воз од спротивната насока.

Инспекторите и натаму ја испитуваат железничката инфраструктура и техничката состојба на возовите.

Поврзани содржини