ШПАНИЈА ЌЕ ЈА ПРИЗНАЕ ПАЛЕСТИНА СО ГЛАВЕН ГРАД ИСТОЧЕН ЕРУСАЛИМ Израел бесен по одлуката на шпанскиот премиер
Палестинска држава која живее заедно со државата Израел во мир и безбедност. Палестина треба да биде одржлива, со Западниот Брег и Појасот Газа поврзани со коридор и источен Ерусалим како главен град, обединети под легитимната влада на палестинската национална самоуправа - изјави шпанскиот премиер Педро Санчез.
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека неговата земја ја признава државата Палестина во границите од 1967 година во согласност со меѓународното право и историската правда.
– Шпанија ќе го усвои официјалното признавање на државата Палестина на денешниот министерски состанок – рече Санчез во телевизиско обраќање од зградата на владата во Мадрид.
Санчез нагласи дека Шпанија со ова им се придружува на „повеќе од 140 земји во светот“ кои ја признаваат Палестина како држава.
– Ова е историска одлука која има една цел, а тоа е да придонесе Израелците и Палестинците да постигнат мир. Признавањето на државата Палестина не е само прашање на историска правда, со легитимните аспирации на палестинскиот народ, туку и неопходност ако сите заедно сакаме да постигнеме мир – рече Санчез.
Шпанскиот премиер истакна дека тоа е единствениот начин да се напредува кон решение со две држави, „што сите го сметаме за единствено решение“.
– Палестинска држава која живее заедно со државата Израел во мир и безбедност. Палестина треба да биде одржлива, со Западниот Брег и Појасот Газа поврзани со коридор и источен Ерусалим како главен град, обединети под легитимната влада на палестинската национална самоуправа – изјави шпанскиот премиер.
Шпанија, Ирска и Норвешка денеска официјално ќе ја признаат палестинската држава и покрај насилната реакција на Израел на најавата за признавање на Палестина.
Трите земји рекоа дека признавањето ќе ги забрза напорите за ставање крај на војната во Газа, пренесува Ројтерс.
– Се надеваме дека нашето признавање и нашите причини ќе им помогнат на другите западни земји да го следат нашиот пат, бидејќи колку сме повеќе, толку повеќе ќе имаме моќ да наметнеме прекин на огнот – изјави претходно шпанскиот премиер.
Шпанија во понеделникот објави дека земјата ќе ги повика другите членки на Европската унија официјално да ја поддржат наредбата на Меѓународниот суд на правдата Израел веднаш да ја прекине операцијата во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.
На најавата на овие три држави дека ќе ја признаат палестинската држава Израел одговори со отповикување на нивните амбасадори од Мадрид, Осло и Даблин.
Шпанија и Ирска ќе бидат најголемите и највлијателните земји во ЕУ кои ја признаа државата Палестина, приклучувајќи им се на Шведска, Кипар, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и Бугарија.
Во претходните месеци Велика Британија, Австралија, Малта и Словенија посочија дека ќе ја признаат Палестина.
Франција рече дека „сега не е време“ да се признае Палестина, додека Германија застана покрај најголемиот сојузник на Израел, САД, инсистирајќи дека решението за две држави може да се постигне само преку дијалог, а не со признавање.