ШПАНИЈА, БРИТАНИЈА И ПОРТУГАЛИЈА ГИ ФРЛААТ МАСКИТЕ Европа размислува за нова стратегија во пандемијата

Тогаш, што чекаат другите земји? Анализата покажува дека за ваков чекор на природен имунитет би биле спремни само најбогатите нации, оние кои имаат голем и јак здравствен систем да ги примат евентуалните новозаболени во случај да се случи катастрофа од неносењето маски и укинувањето на мерките. Другиот аргумент е дека побогатите земји први ќе ги имаат новите вакцини против омикрон и затоа би можеле да си дозволат намалени мерки.

799

Шпанија, Португалија и Велика Британија ќе ги укинат скоро сите мерки против коронавирусот и ќе пробаат да го третираат како обичен грип, со надеж дека тој веќе влегува во својата ендемична фаза и дека не е толку смртоносен. За ваквиот пристап размислуваат и други земји, во најмала рака, да го напуштат кризниот начин на функционирање, пишува АсошиејтедПрес. Додека Италија воведува задолжителна вакцина за сите над 50 години, а многу земји го стеснуваат обрачот, експертите веќе дебатираат дали оваа пролет ќе биде последниот голем ковид-бран.

Коронавирусот уште не е како обичен грип, но за д-р Салвадор Транш, водач на шпанското здружение за семејна и јавна медицина, „јавноста треба да се помири со идејата дека некои смртни случаи од Ковид-19 ќе бидат неизбежни“. На слично мнение е португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса, за кого „ендемската фаза“ веќе е започната, иако земјата имаше скоро 44.000 новозаболени во последните 24 часа. Во Велика Британија маските ќе паднат на 26 јануари, објави премиерот во заминување Борис Џонсон, кој истакна дека зимскиот бран го доживеал пикот.






Предолго бевме затворени

Кога пред две години беше прогласена пандемијата на коронавирус, на Шпанците им беше наредено да останат дома повеќе од три месеци. Не им беше дозволено да ги напуштат своите домови, дури ни за рекреација. На децата им беше забранет пристапот до игралиштата, а економијата практично запре. Денес, речиси две години подоцна, Шпанија се подготвува да усвои поинаков пристап кон ковид-19.

Короната е нормална болест

Шпанците можеби веќе имаат колективен имунитет. Нешто повеќе од 80 отсто од шпанското население примило две дози од вакцината, а властите се фокусирани на зајакнување на имунитетот на возрасните со бустер-дози.

– Ковид-19 мора да се третира како и другите болести – рече д-р Транш за Асошиејтед прес, додавајќи дека „нормализираното“ внимание од здравствените работници ќе помогне да се намалат одложувањата во лекувањето на проблемите кои не се поврзани со коронавирусот.

Прерано е да се размислува за тоа

Од друга страна, Светската здравствена организација вели дека е премногу рано да се размислува за промена. Но, ни од СЗО немаат јасна дефиниција што ќе е потребно ковид-19 да биде прогласен за ендемска болест.

– Тоа е донекаде субјективна процена бидејќи не се работи само за бројот на заразени. Се работи за сериозноста и последиците – рече д-р Мајкл Рајан, шеф на СЗО за вонредни ситуации.

Рано е за олабавување, смета и првиот човек на медицината во САД, д-р Ентони Фаучи. Говорејќи на панелот на Светскиот економски форум во понеделник, Фаучи рече дека ковид-19 не може да се смета за ендемичен сè додека го нарушува општеството.

Само пет дена изолација во Британија

Во Обединетото Кралство, носењето маски на јавни места и сертификатите за КОВИД ќе бидат укинати на 26 јануари, објави вчера премиерот Борис Џонсон, велејќи дека последниот бран го достигнал својот врв на национално ниво.

Барањето да се изолираат заразените лица цели пет дена останува на сила, но Џонсон рече дека ќе се обиде да го укине во наредните недели доколку податоците за вирусот продолжат да се подобруваат. Официјалните статистики проценуваат дека 95 отсто од британската популација има антитела на Ковид-19, или поради претходна инфекција или поради вакцинација.

фото: Твитер/принтскрин

Укинување на мерките, луксуз само за најбогатите

Тогаш, што чекаат другите земји? Анализата покажува дека за ваков чекор на природен имунитет би биле спремни само најбогатите нации, оние кои имаат голем и јак здравствен систем да ги примат евентуалните новозаболени во случај да се случи катастрофа од неносењето маски и укинувањето на мерките.

Другиот аргумент е дека побогатите земји први ќе ги имаат новите вакцини против омикрон и затоа би можеле да си дозволат намалени мерки. Многу земји кои се преплавени со рекорден број случаи на омикрон веќе се откажуваат од масовното тестирање и го скратуваат времето на карантин, особено за вработените кои не покажуваат ништо повеќе од симптоми на настинка.

Слабовакцинираните земји ја отфрлаат идејата

За некои други европски влади, идејата за нормализирање на ковид-19 е во спротивност со нивните напори да поттикнат вакцинација. Во Германија, каде што помалку од 73 отсто од населението примило две дози од вакцината, а стапката на инфекција речиси секојдневно поставува нови рекорди, споредбите со Шпанија или која било друга земја се отфрлаат.

– Сè уште имаме премногу невакцинирани, особено кај нашите постари граѓани – изјави во понеделникот портпаролот на германското Министерство за здравство, Андреас Дефнер.

Италија ја проширува обврската за вакцинација на сите граѓани над 50 години и наметнува казни до 1.500 евра за невакцинираните лица кои ќе се појават на работа. Италијанците, исто така, мора да бидат целосно вакцинирани за пристап до јавен превоз, авиони, спортски сали, хотели и саеми, заклучува Асошиетед прес.

Поврзани содржини