📷 ШПАНЦИТЕ ПРОЗБОРЕА МАКЕДОНСКИ Џирона на уникатен начин му го честиташе голот на Миовски
Македонија рутински го совлада Лихтенштајн на стартот од квалификациите за Светското првенство. Миовски постигна гол и го посвети на настраданите во трагедијата во Кочани.
Македонската фудбалска репрезентација со триумф ја започна квалификациската кампања за Светското првенство 2026 година. Нашите избраници во првото коло беа подобри од селекцијата на Лихтенштајн, победувајќи убедливо со 0-3 на гостински терен.
Очекуваната победа ја донесоа со сигурна игра и реализација на шансите, а еден од стрелците беше и Бојан Миовски, кој го постигна третиот погодок на натпреварот. Наместо да слави, Миовски со гест на почит и емпатија, голот го посвети на жртвите од трагичниот пожар во Кочани, кој неодамна ја потресе целата држава.
По натпреварот, екипата на Миовски – шпанската Џирона, повторно покажа поддршка на својот фудбалер. Преку објава на социјалните мрежи, клубот сподели емотивна фотографија од Миовски и напиша кратко, но значајно: „Нашиот најдобар стрелец“, на македонски јазик.