ШОУТО НА ЏИМИ КИМЕЛ СЕ ВРАЌА ВО ЕТЕРОТ Суспендирањето на водителот предизвика жестоки дебати за слободата на говор во САД
Американскиот комичар Џими Кимел ќе се врати во своето вечерно ток-шоу откако беше суспендиран поради шегите поврзани со смртта на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк.
По неколкудневна суспензија на шоуто „Џими Кимел во живо“ (Jimmy Kimmel Live), Дизни објави дека емисијата ќе се врати во етер. Суспензијата беше воведена откако комичарот Џими Кимел даде спорни коментари за влијателниот конзервативец Чарли Кирк, што доведе до закани од американскиот федерален регулатор за одземање на лиценцата на ABC.
– Разговаравме сериозно со Џими и донесовме одлука шоуто да се врати – соопштил Дизни.
Случајот предизвика голема дебата околу слободата на говор. Претседателот Доналд Трамп ја поздрави суспензијата на Кимел, но не го прокоментира неговото враќање. Федералната комисија за комуникации (FCC), предводена од Брендан Кар, инаку, назначен од претседателот Трамп, најави дека ќе ги разгледа мерките против ABC и Дизни, што критичарите го оценија како обид за цензура и политички притисок.
Во меѓувреме, големите медиумски групации Sinclair и Nexstar одбија да ја емитуваат емисијата, а Sinclair најави дека на своите ABC канали ќе ја замени со информативна програма.
Кимел, кој е водител на шоуто од 2003 година и четирикратен домаќин на „Оскарите“, засега не се огласи јавно за суспензијата. Неговите коментари на 15 септември во контекст на убиството на Чарли Кирк со кои ја исмејуваше реакцијата на Трамп – беа оценети како „навредливи“ од дел од јавноста и медиумите.
Решението на ABC да го суспендира Кимел предизвика протести во Калифорнија и критики од здруженијата на сценаристи и актери, како и од Американската унија за граѓански слободи. Колеги како Џон Стјуарт, Џон Оливер и Стивен Колберт му дадоа поддршка, а над 200 холивудски ѕвезди, меѓу кои Мерил Стрип, Џенифер Анистон и Роберт де Ниро, ја осудија суспензијата како „мрачен момент за слободата на говор во земјата“.