Шо е воа, другарчиња, зошто Анџела не е разочарана и шокирана?
Треба да си политички аматер и правно неписмен претседател, премиер или министер, па да си дозволиш јавно да изразиш „разочараност“ и „шокираност“ од судска одлука. И треба да си или глупав, или ептен очаен, за да не сфатиш дека таквите изјави директно ја компромитираат кривично-правната постапка којашто не е завршена и дека таа компромитација е цврста основа за докажување на грубо кршење на едно од основните човекови права на обвинетите, правото на презумпција на невиност. Зоќе може да си дозволи вака да се глупира, ама Пендаровски и Ковачевски? Ај учете малку од мадам Агелер...
Американската амбасадорка Анџела Агелер ги збуни сите егзалтирани новинарски душички и целиот ни државен врв.
После дводневната хајка против судиите на Апелациониот суд во Скопје, коишто ја укинаа пресудата на првостепениот суд за случајот „Таргет-Тврдина“ (да ја спомнеме тука воздржаноста на Бујар Османи, колку за показ дека не се сите исти), едвај се дочека понеделников за да се побара став на Американската амбасада за „бесрамнициве“ од скопска Апелација.
Сигурен сум дека воспалениве очекувале мадам Агелер да објави не само изрази на шокираност и разочараност, туку и најава за одлучна акција на американскиот тим за санкции, во поддршка на извршната власт, која се отепа од борба против корупцијата и гледај сега какви клипови ѝ ставаат во машината.
И глеј чудо! Нов шок и ново разочарување!
За Стево Пендаровски, нормално. И за Оливер Спасовски, па и за Димитар Ковачевски, за Славица Грковска и веројатно најмногу за Зоран Заев.
Ладнокрвно и одмерено, Амбасадата на САД во Скопје соопшти дека ги следи одлуките на судот за предметите „Таргет-тврдина“ и „Трезор“. И толку. Нема разочараност, нема шокираност. Анџела Агелер одбила да ги коментира одлуките на апелациските судии, со кои двата предмета се вратени на повторно судење во прв степен.
Еми, шупрајме сеа?
Не знам дали на нашиве изненаѓени и увреѓени политици, журналисти и колумнисти им е јасно која е и што претставува Анџела Аџелер во Македонија. Би сакал да им го појаснам тоа, бидејќи имам впечаток дека една лекција од областа споредбени политички системи не им е научена. Таа лекција се учи во петок на четвртиот час, па тие што во петок имале само три часа и после урда јаделе, ја прескокнале.
Вицот е дека воопшто не е важно која е приватно мадам Агелер, дали е вегетаријанец или крка пастрмајлии, дали нѐ сака или нѐ мрази, дали е добра вила или е зла вештерка. Важно е дека таа во Македонија го претставува американскиот претседател, лично и персонално.
Ај да ви биде уште појасно – кога зборува Анџела Агелер, зборува Џо Бајден!
А американскиот претседател може да ви каже сѐ и сешто, може и да ве бомбардира ако му текне, но никогаш нема да си дозволи јавно да коментира судска одлука. Па дури и во еден ваков Бантустан, во каков што е претворена Македонија!
Треба да си политички аматер и правно неписмен претседател, премиер или министер, па да си дозволиш јавно да изразиш „разочараност“ и „шокираност“ од судска одлука.
И треба да си или глупав, или ептен очаен, за да не сфатиш дека таквите изјави директно ја компромитираат кривично-правната постапка којашто не е завршена и дека таа компромитација е цврста основа за докажување на грубо кршење на едно од основните човекови права на обвинетите, правото на презумпција на невиност.
Јас знам дека Зоран Заев не е многу правно едуциран и дека заостанал во времето кога заедно со Катица, Оливер и со Радмила договарале што и како да прават со „бомбите“ и со предметите на СЈО. Им се извинувам на Јанева, на Спасовски и на Шеќеринска за оваа индискреција, но ова се зборови на Заев, а не мои. Тие зборови ги слушна цела Македонија.
И секако, јасно ми е дека Заев е очаен, веројатно и самиот свесен дека „камшикарите“ од САД не дошле овде баш за Сашо Мијалков, туку попрво за некои други, досега недопрени и неказнети магови на корупцијата во оваа земја.
Ама, зошто бре да се разочарани и очајни Пендаровски и Ковачевски?
Зарем чувствуваат обврска кон човекот кому му ги должат своите политички кариери?
И навистина ли му ги должат?
Не би рекол…
Како и да е, би ги посоветувал веднаш да размислат зошто Анџела Агелер крајно внимателно зборува за судски одлуки и зошто е воздржана. Мојата претпоставка е дека таа има добар тим советници од областа на правото и правосудството, кои внимателно прочитале зошто Апелациониот суд одлучил да ја укине првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“.
Под притисок на јавноста, „бесрамниците“ од Апелација денеска мораа во соопштение упатено да медиумите да ја објаснат својата одлука.
Пендаровски, вие како професор и човек којшто работел во МВР, прочитавте ли што пишува таму?
Кога Апелација вели дека во првостепената пресуда се сторени суштествени повреди на одредби од Законот за кривична постапка, како и повреди на кои Судот внимава по службена должност, тоа значи навистина многу.
Кога апелациските судии утврдиле дека тие повреди влијаеле и врз правилното утврдување на фактичката состојба и на правилна примена на материјалното право, на секого мора да му е јасно дека тоа се смета за дисквалификациска маана на првостепената пресуда. Со други зборови, таквата пресуда мора да падне.
Ај да ви го преведам и ова кога Апелациониот суд вели дека „фактите коишто ги зел за утврдени првостепениот суд, а по однос на дејствијата на извршување на обвинетите, не соодветствуваат со доказите изведени на главната расправа пред првостепениот суд, по однос на наодите и мислењата на вештите лица на Јавниот обвинител и на одбраната, како во делот на дејствијата по однос на следењето на комуникациите, така и по однос на вредноста на уништената опрема“. Јасно ли ви е што е овде напишано? Напишано е дека целата доказна постапка е промашена и дека пресудата е донесена без докази.
На мене сево ова ми е јасно одамна. Напишав неколку написи за ова. Ме пцуеја читатели, ме навредуваа, ме клеветеа, но никој не седна и со аргументи да ми докаже дека не сум во право.
Како испаднав толку паметен?
Не бе, другарчиња, не е до памет работата. Треба само умот да се отвори.
За разлика од повеќето мои колеги (некои од нив и долгогодишни хроничари на судски процеси), кои во известувањето им дадоа предност на Обвинителството и на политичките моќници под чиј диктат и притисок беше составено фалично обвинение и потоа беше донесена неодржлива пресуда, јас постапив поинаку. Сум чул дека во нашиот правосуден систем веќе не е како порано, дека сега обвинителот и обвинетите се рамноправни странки во постапката. Логично, сфатив дека двете страни треба да имаат и рамноправен пристап до јавноста.
И така, решив да направам разлика. Да го обезбедам токму тоа, рамноправен пристап и за обвинетите и за нивните бранители. Сега го правам истото и за одбрана на Драги Рашковски. Пак некои ме пцујат, ме караат зошто сум ги објавувал брифинзите на одбраната и колумните на Рашковски. А јас истото ќе го сторам и за одбраната на Мухамед Зеќири, ако посака, се разбира. Рашковски и Зеќири мене не ми беа другарчиња, на Заев му беа. Добро, Муки го знам како колега, ама Драги не сум го сретнал никогаш. Тие беа блиски соработници и многу блиски пријатели на муртинецот. Патем речено, ако поранешниот премиер навистина му е кум на Мухамед и ако е чесен и честит како што се претставува (мислам на Зоќе, де), ќе му каже дека Геро во една прилика предварително го предупредил кумот Заев другарчето Муки да не прави некои работи и да си го покрие газот, зашто нема да биде на арно (за ова што го зборувам постои и сведок).
Простете за оваа дигресија, но не можев да одолеам. А сакав само да кажам дека е доволно малку непристрасност, отвореност и професионалност, за секој новинар и секој читател што ги читаше моите написи, во кои укажував дека на Сашо Мијалков и на Гордана Јанкуловска им се суди со фатални процесни повреди и без докази, да ми поверува. Ако не, оак, да провери дали она што го тврдам е вистина.
Е сега никој не мора да ме проверува.
Апелационите судии ја кажаа вистината.
И тоа е многу важно, драги мои. Тоа е суштински важно за тоа како функционира и како изгледа оваа држава.
Во една нормална, цивилизирана држава, во која владее правото, а не волјата на султанот, секој има право на законита и фер судска постапка. Апсолутно секој!
Да, и Мијалков, и Јанкуловска, и сите други осомничени за масовното прислушување.
Сега читам како некои се тупкаат в гради и тврдат дека биле прислушувани, та затоа биле разочарани, а ќе им пропаднеле и оштетните побарувања. Се смеам кога читам вакви глупости. И јас сум еден од прислушуваните. И јас добив „диплома“ од СДСМ, односно це-де со транскрипти од мои прислушувани разговори. Мислам дека беа 12. После Заев ми понуди да ми ги сними сите мои разговори на стикче, бидејќи ги имало многу. Одбив, се разбира. И не поднесов никакво оштетно побарување, бидејќи не сакам арам пари од никого. Сакав само да се дознае вистината. А таа можеби нема да се дознае ако ова судење пропадне. А може да пропадне не поради застарување, туку поради политичка компромитација. И потоа вистината пак нема да се дознае, бидејќи за иста работа не смее да се суди два пати.
Штоооо? И за ова не сте чуле?! Е па за ова се учи на петти час во петок. Бурекот е изеден и се играат џамлии…
Се прашувам, а да не беше токму тоа идејата? Да не беше идејата никогаш да не се дознае како се прислушувало? И особено да не се разбере како потоа нелегалнните снимки стасале во рацете на Заев? И зошто од неговите раце се распрснаа на триста страни?
Не знам…
Навистина не е мое да судам. Не е наше да судиме. Не е на Анџела Агелер да суди. Не смеат да судат ни Пендаровски и компанија. Судат судиите. Ние следиме. Имаме право на свои мислења, но немаме право на свои факти. Затоа следиме мирно и спокојно. На судиите им оставаме да судат според законот и според сопствената совест.
Ако не постапуваме така, грешиме. И тоа опасно.
Кажав и ќе повторам – доаѓа крајот на Прекиот суд на Зоран Заев. Готово е. Финито. Тој што ќе се мачи да го задржи ден повеќе, да има на ум дека еден ден и самиот ќе заврши на обвинителна клупа. Напишав неколку пати досега, паѓа главата на Дантон, ама после паѓа и главата на Робеспјер. Па дајте, мајку му стара, сурфнете малку и научете кои се овие двајцата и што им се случило. Не почнува светот и историјата од Муртино…
Време е на обвинителите и на судиите да им помогнеме да демонстрираат интегритет, храброст и одговорност.
Погрешно се мисли дека тоа зависи само од нив. Не. И од нас зависи. Затоа, за почеток, намалите доживљај. И тоа е нешто…