Шинелот од нашиот сокак
Не мислам дека нашата историска наука е водечка во светот. Но не мислам ни дека нашата историска мисла не е компатибилна со светската, па нека тоа го тврдат разноразни професорчиња или амбасадорчиња (кои, патем, историјата ја познаваат колку и квантната физика!).
Дури ни најголемите оптимисти кај нас не веруваа дека ние така лесно, речиси преку ноќ или за некакви два-триесет години, ќе ја смениме нашата „идеолошка“ матрица. Ниту пак дека облеката „а ла франка“ навистина ќе нè европеизира бидејќи врз неа некои персони сè уште си носат шинели, а на нозете – опинци. Тие се „европејци“ само кога треба, најчесто заради лукративни цели. Инаку си се и понатаму … тоа што отсекогаш биле.
Зашто, денес, особено денес, да држите 1948-шки лекции на историчарите, на македонската наука, на сите интелектуалци кои се спротивставуваат на оваа лажлива – или, ајде, нетранспарентна – шарада со нашите ЕУ приклученија, да кажете денес, во третата деценија на дваесет и првиот век, дека „сепак постои објективно и научно толкување на историските настани, а нѐ право секој да си ја пишува историјата како што сака“ не е само врвно шарлатанство туку е и бесрамно понижување на македонската историска наука и македонските историчари „кои вртат глава и пред пишани докази“. А шинелот мора да ви е голем, навистина голем. А опинците – тесни. Впрочем, ова не е првпат да добиваме вакви лекции од истите луѓе. И ова никако не е случајно избран момент, како што впрочем не беше ни оној крајно примитивен подривачки текст за нашата „заедничка историја“ со источниот сосед. Теза што, повторно, се пласира и сега, во овој најнов скандалозен памфлет, за да подобро ни влезе „во уво“. Само пред една година, во врска со нашата „заедничка историја“ со Бугарија, ни беа поттурани „европски“ примери на помирување („Помирувањето меѓу Америка, Велика Британија или Франција со Германија не е на штета на историската вистина“1), но не од компетентни историчари туку од странски амбасадори (sic!) како некаков врвен аргумент.
Не мислам дека нашата историска наука е водечка во светот. Но не мислам ни дека нашата историска мисла не е компатибилна со светската, па нека тоа го тврдат разноразни професорчиња или амбасадорчиња (кои, патем, историјата ја познаваат колку и квантната физика!). Знам дека ниту еден од овие сега на власт, имајќи им ги предвид годините, нема поим што била и каква била Македонија пред 1991 година, и дека некои тогашни генерации буквално ја живееле Европа во нејзините најубави децении. Компатибилноста на македонската наука, култура, уметност … се одамна апсолвирана вистина. Меѓутоа, ако власта е сериозно неука и полуписмена, „професоров“ не е бидејќи има зад себе многу децении. Само што, извинете, не секој, особено не такви провинцијалци, можат воопшто да ја разберат Европа некогашна и сегашна, некогашна (но и сегашна) Македонија, некогашна (но и сегашна) Бугарија … итн. За жал, таквите луѓе не умеат, едноставно немаат капацитет да ги разберат ни напорите на македонската историска наука да извлече максимум од „историската првост“ односно од почетоците на слободната историска мисла кај нас, од формирањето на првите институции, од оформувањето на архивите и др. Секако, ние не сме ги имале ресурсите на некои големи сили (од кои овие персони се фасцинирани!) за преку ноќ да ги надминеме сите тешкотии во етаблирањето на научна мисла во земјата, но да се осмелиш да кажеш дека македонската (не само) историографска мисла/ставови не „се компатибилни со оние на европската и светската историографија“, е крајно грда, паушална, неписмена и неаргументирана констатација.
Неодамна напишав дека е веќе очигледно дека во Македонија навистина делуваат „подземни сили“ на секакви центри и служби и дека, доколку внимателно читате, ќе ја видите – неизбежно е – специјалната војна што се води (не само) на социјалните мрежи и (особено) на порталите. И тоа воопшто не е параноична констатација, зашто примери има премногу. Последниов скандалозен памфлет е врв на невкус, на плукање по државата (особено онаа некогашната, во која овој „автор“ се колнеше!), по науката, културата, историјата, образованието итн. Не знам кому тоа му служи, дури најмалку на оваа власт ако таа навистина се идентификува со неговите простачки средновековни „теории“. И тоа особено денес, во екот на полемиките околу актуелните контроверзни текови со нашите приклученија кон Европската унија. Се разбира, ваквите пројави не се ништо ново во политиката, но се релативна новост во македонската политика, или политикантство, како сакате, невидено дури и во најцрните денови на страв во владата на пребегот од Будимпешта. Овој „професор“ го надмина и него во демонстрираната омраза кон сè што прозвучува национално, патриотско, македонско …, подвладувајќи не само на оваа полуписмена власт (на којашто линија, очигледно, „се нашле“!), туку токму на интересите на источниот сосед со којшто, ете, ние треба да глумиме заедништво наместо, ако баш мора, да – споделуваме. Зашто ние, навистина, немаме ама баш ништо заедничко со нив. Освен тоа што сме соседи, но соседите не можеш да ги избираш, нели?
Од друга страна, треба ли на овој скандалозен памфлет да му се придава толкаво значење? Треба, недвојбено. Зашто тој никако не е само некаква лична перцепција на човек изгубен во просторот и времето. Факт е дека овој памфлет е само уште еден лажлив обид за замаглување на нештата иако само гребе по површината. Но гребе отровно, злобно, навредливо, неуко. А историјата не е една приказна во сликички туку е и длабока филозофија, неразбирлива за неуки луѓе. Затоа и прават такви кардинални лупинзи. Нивната историска неписменост е неизмерна како и нивната интелектуална празнина насочена кон просто слугување.
Меѓутоа, овој памфлет е и уште еден чин на доказ дека Македонија одамна се наоѓа во сивите предели на некултурата, во длабоката зона не само на непросветеноста, туку на нејзината најлоша варијанта – антипросветителството! Последниве деценија и половина ние континуирано тонеме во жабурникот на простотилакот, примитивизмот, ненаучноста и тенденциозното политикантство. И на шинелизмот, се разбира, како покривка за сè. Сето тоа ја влече земјата во некогашната балканска провинциска кал во којашто, очигледно, некои уживаат да се валкаат. А сепак, дури и да ги уништиме сите македонски историски книги, ќе постигнеме ли нешто? Зарем само македонските историчари ја пишувале македонската историја? Тоа може да го помисли само ограничен ум.
Но, она што остана недоречено во овој памфлет е дали државата, којашто, нели, „го нема тој луксуз да не презема ништо“ во историјата, еднакво ќе се однесува и во културата, уметноста, музиката, литературата …? Дали и во овие области овие луѓе во шинели ќе заведат ред и поредок, ќе кажат што и како може да се создава и според кои правила и критериуми? Ќе заигра ли конечно и пендрекот како нивен омилен аргумент за непослушните!?