Следната 2021 е година во која почнуваме со Смарт сити, БРТ системот на Трамвај без шини, го започнуваме новиот мост на Љубљанска, а завршуваме со мостот на АСНОМ, рече Петре Шилегов, скопскиот градоначалник во новогодишната честитка.
– Ако биде се во ред и условите го дозволат тоа ќе започнеме со изградба на новиот Луна парк и ботаничка градина. Не очекуваат уште многу нови зелени еко проекти, нови паркови и скверови, зелени покриви, реформиран систем за одржување на комуналната хигиена, нова велосипедска инфраструктура и нови енергетски ефикасни проекти. Пред нас е уште една година исполнета со многу предизвици кои можеме да ги поминеме заедно со многу ентузијазам и верба во подобро утре – кажа Шилегов во својата честитка.
Тој упати и апел до своите сограѓани да останат дома со семејствата, да ја почувствувааат уште еднаш убавината на домот, и да го направат тоа за нив и за нивните најсакани.
– Да ја пребродиме заедно уште оваа криза, за да можеме заеднички да прославуваме и дочекуваме уште многу нови години полни со радост и среќа – порача Шилегов во честитката која им ја упати на своите скопјани, негови сограѓани.