„Без оглед на одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, разликата од мојата плата до 14.500 денари ќе ја уплатам во фондот за борба против епидемијата од вирусот ковид-19“, сподели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на својот Фејсбук профил.
Пратениците, директорите, судиите, обвинителите и сите останати избрани и именувани лица за април и мај нема да бидат на минималец, ќе продолжат да земаат целосна плата, откако Уставниот суд денеска ги поништи Уредбите на Владата.
„Живееме во време во кое секој од нас, треба да покаже барем малку солидарност и колективна одговорност. Државните функционери (секој од нас поединечно) треба да предначат во тоа чувство на одговорност. Седете дома (иако е тешко). Секој од нас е одговорен за своето и јавното здравје. Почитувајте ги препораките за социјална дистанца и носење на заштитна опрема. Во извештаите за состојбата на заболените, луѓето се само бројка, но, почитувани, таа бројка може да биде било кој од нас. Секој е важен. Секој човек е важен“, пишува Шилегов.