Шилегов ќе го буши тунелот под Кале пред локалните избори, за да „избуши“ доволно гласови за втор мандат?
Засега ништо од тунелот под скопско Кале. Град Скопје го раскина договорот за проектирање со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“, со објаснување дека Турците не ги испочитувале роковите за изработка на проектот.
Да се потсетиме. Градоначалникот Петре Шилегов вети дека до 2022 година ќе се изгради уште еден мост преку реката Вардар и тунел под скопското Кале, со што градот ќе има алтернатива за побрзо движење и поврзување на булеварот Свети Климент Охридски со булеварите Никола Карев и Македонско-косовска бригада.
– Ако добро разбрав, градоначалникот тврди дека за овој проект ќе бидат потрошени 30 милиони евра. Како експерт за нискоградба, тврдам дека крајниот есап нема да биде помал од 50 милиони евра. Да се потрошат толкави пари за решавање на сообраќаен проблем кој постои, но кој не е приоритетн, е лудост. Никакви тунели не се потребни. Со 30 или 50 милиони евра можат да се пробијат барем две долги и модерни сообраќајници што многу сериозно ќе го растоварат сообраќајот во Скопје – вели за Плусинфо соговорник кој сака да остане анонимен.
Град Скопје на 12 јуни лани склучи договор со турската фирма, која заедно со Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје, за шест месеци требаше да ја проектира сообраќајницата, мостот преку Вардар и тунелите под Кале. Рокот беше продолжен за шест месеци, но ниту тој рок не е испочитуван, па договорот е раскинат.
– И подобро што е така. Сега е важно Шилегов да се убеди дека ваков проект не му е потребен на главниот град. Скопје е многу променето од 1964 година, кога е замислена оваа сообраќајница. Тоа што ниту еден градоначалник досега не се потрудил да ја изгради, кажува многу. Нека повика Шилегов експерти и тие ќе го посоветуваат што може реално да се стори со 30 милиони евра, ако веќе ги има – вели нашиот соговорник.
Но, градоначалникот Петре Шилегов вели дека не се откажува од овој капитален проект и најавува нов тендер за проектант. Тој верува дека до крајот на својот мандат ќе ја почне реализацијата на проектот, а тоа значи дека свеченото бушење би почнало пред следните локални избори.
Во меѓувреме, Шилегов веројатно ќе се занимава со крпење и бојадисување улици, со реконструирање тротоари, со поставување столбчиња и жардињери и со слична „козметика“, со која ќе ја крева популарноста во рамките на кампањата „Едно поинакво Скопје“.