ШЕТАЧИТЕ ДА ВНИМАВААТ, НЕКОЈ ПОСТАВУВА ОПАСНИ СТАПИЦИ НА ВОДНО! „Лајка“ едвај ослободи куче приклештено од безмилосната направа
Кучето беше преплашено и ни требаше повеќе време да го фатиме, но нашиот ветеринар, доктор Горан, со многу трпение и упорност, даде сè од себе за да го ослободи од стапицата – пишуваат од Лајка.
Заловувачи и ветеринари на јавното претпријатие „Лајка“ успеаја да ослободат бездомно куче фатено во стапица за дивеч, која несовесни граѓани ја поставиле на падините на Водно, информира претпријатието. Од „Лајка“ велат дека треба да се внимава, зашто во истите стапиуци може да се „фатат“ и шетачи на Водно и нивни миленици.
„По пријава на загрижени граѓани нашиот тим заловувачи веќе две недели ја посетуваше локацијата и се обидуваше да го залови кучето, кое за жал беше фатено во стапица за диви животни, која нелегално е поставена на нашата планина Водно.
Кучето беше преплашено и ни требаше повеќе време да го фатиме, но нашиот ветеринар, доктор Горан, со многу трпение и упорност, даде сè од себе да го ослободи од стапицата.
Кучето во моментов е во нашето прифатилиште и нашите ветеринари даваат сè од себе да ја санираат раната, ќе известиме за неговата состојба во текот на денот.
Згорзени сме од овој настан, иако не е ова прв случај, се надеваме дека ќе биде последен, кучето било во огромни болки и ќе следи долг процес на заздравување и социјализација за да му ја вратиме довербата во луѓето.
Ова е апел до сите граѓани кои одат на Водно да внимаваат за својата безбедност и за безбедноста на своите миленици“ – се вели во соопштението на ЈП Лајка, од каде најавуваат дека настанот ќе го пријават до надлежните органи.