ШЕСТМИНА ИЗБОДЕНИ СО НОЖ НА ПЛОШТАД ВО АНТВЕРПЕН Напад за време на прокурдски протест, двајца во критична состојба
Две лица се приведени, но белгиската полиција засега нема сознанија за мотивите за нападот.
Шест лица се повредени вечерва откако биле жртви на напад со нож на плоштадот пред Операта во белгискиот град Антверпен, каде во моментот се одржувал протест.
– Сите имаат убодни рани, а две од жртвите се во критична состојба, соопшти портпаролот на локалната полиција Ваутер Браунс.
Според него, полицијата привела два лица кои се осомничени за поврзаност со нападот.
– Полицијата успеа да уапси двајца осомничени кои, според првичните наоди, се измешале со демонстрантите, рече Браунс.
Четири од повредните лица се пронајдени на плоштадот пред Операта, а останатите две во две околни улици.
Како што јавија белгиските медиуми, на местото на настанот пристигнале неколку медицински екипи кои им пружиле прва помош на жртвите и ги пренеле во болница.
Полицијата засега нема детали за нападот, ниту за неговите мотиви.
– На местото на настанот се спроведува темелна истрага, вклучително и форензичка анализа, додаде Браунс.
Порталот „Сан“ објавува сведочење дека осомничените биле помешани со масата демонстранти на протестот посветена на Курдските прашања, што се одржувал на плоштадот.
„Протестот беше мирен, и штотуку завршуваше, кога се случи нападот. Наоколу имаше полиција и патролни возила, за да се осигура дека се ќе мине без проблем, и не очекувавме вакво нешто. Се створи целосна паника, луѓето бегаа во сите правци, беше ужасно“ – изјавил еден од демонстрантите за „Сан“.
Друг сведок рекол дека група луѓе поминувала низ толпата и одеднаш извадиле ножеви и почнале да ги бодат тие што седеле на скалите на зградата на Операта.