ШЕСТ ВОЗАЧИ СЕ УАПСЕНИ ВО АКЦИСКА КОНТРОЛА НА ПОЛИЦИЈАТА ВО СКОПЈЕ Изречени се повеќе од 260 казни, а одземен е и еден мотоцикл
Според соопштението на полицијата возачите покрај што возеле брзо, возеле под дејство на алкохол и дроги, не носеле кациги, возеле без дозвола и правеле други повреди на сообраќајните прописи.
Полицијата синоќа во Скопје казнила 262 возачи. Од нив за 102 управувале мопеди и мотоцикли. Исто така, како што информираат од МВР, привремено е одземен еден мотоцикл поради измината важност на регистрација повеќе од шест месеци, а 6 лица се лишени од слобода по член 297 а од Кривичниот законик.
-Во текот на изминатата вечер во периодот од 18.00 до 01.00 часот Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици од општа надлежност при СВР Скопје, спроведоа зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот со посебен акцент за преземање мерки за мотоцикли, мопеди трицикли и четирицикли при што санкционирани се 262 возачи. Од нив за возачи на мопеди и мотоцикли изречени се 102 мерки и тоа 93 санкции за управување мотоцикли без заштитна кацига, четири мерки за несоодветна категорија, пет санкции за управување без положен возачки испит и 160 останати мерки за други видови на прекршоци меѓу кои за не носење возачка дозвола, не носење сообраќајна дозвола, не истакнати таблици, минување на црвено…, се вели во соопштението од МВР.
Според полицијата, привремено е одземен еден мотоцикл поради измината важност на регистрација повеќе од шест месеци, а шест лица се лишени од слобода по член 297 а од Кривичниот законик. Со овој член се санкционира : возење под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/кг промили во крвта или возење со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, како и возењето под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори
Од МВР истакнуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за побезбедни патишта.