ШЕСТ СЕМЕЈНИ ДРАМИ ЗА 24 ЧАСА Приведени насилници во Гостивар, Крива Паланка, Битола и Охрид

Полицијата евидентираше шест случаи на семејно насилство во еден ден, закани преку социјални мрежи, напади врз сопруги, родители и малолетник.

249

Во текот на вчерашниот ден полицијата евидентирала шест случаи на семејно насилство во повеќе градови низ земјава. Во пет од нив осомничените се приведени, а настаните се случиле во Гостивар, Крива Паланка, Битола, Прилеп и Охрид.

Според информациите од полицијата, во неколку случаи станува збор за физички напади врз членови на семејството, додека во еден од случаите биле упатени закани преку социјална мрежа.






Доцна синоќа, околу 22:30 часот, полицијата во Гостивар го привела 27-годишниот Ј.З. од селото Долна Бањица.

Против него пријавила неговата 26-годишна сопруга, која тврди дека по семејна расправија ѝ се заканувал на нејзината мајка преку социјална мрежа.

Во Крива Паланка, полицијата привела 18-годишник со иницијали Т.Д., откако физички го нападнал својот татко. Инцидентот се случил во текот на денот, а по пријавата полицијата веднаш интервенирала.

Во уште еден случај во Крива Паланка, полицијата го уапсила 49-годишниот Е.В.М.

Тој е осомничен дека физички нападнал 16-годишно момче – син на неговата сопруга.

Полицијата во Битола привела 33-годишен маж со иницијали И.Р. од битолско село, откако според пријавата во семејниот дом физички ја нападнал својата 25-годишна сопруга.

Во полицијата во Прилеп се обратила 45-годишна жена која пријавила дека во семејниот дом била физички нападната од сопругот Е.Ш.

По пријавата, полицијата започнала постапка за расчистување на случајот.

Во Охрид, полицијата го привела 44-годишниот О.Л., откако во семејниот дом физички ја нападнал својата невенчана сопруга и нивното малолетно дете.

Од полицијата информираат дека сите случаи се во постапка и по нивното целосно расчистување против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Поврзани содржини