ШЕСТ ПАЦИЕНТИ СЕ МНОГУ КРИТИЧНИ 54 повредени од пожарот во „Пулс“ сè уште во болница

Освен пациентите што се лекуваат во земјава, 115 повредени се наоѓаат на лекување во странство. Петмина од нив се очекува идната недела да се вратат, а по медицинската тријажа ќе се утврди дали ќе останат во болница или ќе бидат испратени на домашно лекување.

844

Во земјава моментално се лекуваат 54 пациенти повредени во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, додека 10 пациенти вчера беа пуштени на домашно лекување. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб, каде што беше разгледана состојбата на повредените.

Според информациите, во Клиничкиот центар во Скопје се лекуваат 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ има 11, во Градската општа болница 10, а шестмина се сместени во приватни клиники.






Освен пациентите што се лекуваат во земјава, 115 повредени се наоѓаат на лекување во странство. Петмина од нив се очекува идната недела да се вратат, а по медицинската тријажа ќе се утврди дали ќе останат во болница или ќе бидат испратени на домашно лекување.

Министерот Таравари информираше дека шест пациенти сè уште се во критична состојба, додека состојбата на останатите 109 е релативно стабилна. Сепак, тој предупреди дека постои можност за компликации кај некои од нив.

– Добрата вест е што првично 20 пациенти беа во критична состојба, потоа 10, а сега таа бројка е намалена на шест. Се надеваме дека нема да има дополнителни компликации – изјави Таравари.

Двајца од критичните пациенти се лекуваат во Љубљана, а четворица во Воено-медицинската академија во Белград.

Министерот откри дека петмина пациенти кои се лекуваат во странство ќе се вратат во земјава идната недела, а според информациите што ги добиле, тие ќе можат да патуваат со комерцијални летови.

– Се планира испис на еден пациент од Италија, двајца од Шпанија, еден од Шведска и двајца од Австрија. Планот не е дефинитивен, а во понеделник ќе известиме за точните детали. Подготвуваме протоколи кои ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и јавно објавени – рече Таравари.

Во однос на повредите кај пациентите, министерот посочи дека најчести се изгорениците, но има и скршеници кои бараат оперативен зафат, како и изгореници на слузокожата на дишните патишта предизвикани од вдишување на токсични гасови.

– Генерално, кај пациентите има изгореници, некои имаат скршеници што можеби ќе бараат подолг престој во болница. Кај дел од нив има и изгореници на дишните патишта и труење со токсични супстанции – објасни Таравари.

Поврзани содржини
na