Шест девојчиња ја освоија струката електромонтер
Фиона Мандарова која е сега во втора година во насоката електромонтер на електроенергетски мрежи заедно со уште три други девојки вели дека се одлучила за оваа насока бидејќи има сигурно вработување.
Расте интересот кај девојчињата да се запишат на стручните струки кои важеле за претежно машки професии. Девојчињата сѐ повеќе ги има на струките електротехничка, геолошко-рударско металуршка, дрвопреработувачка, земјоделска и кожарска, но сѐ уште ги нема во градежната струка.
Последните четири години расте бројот на запишани девојчиња и на струката електромонтер на електроенергетски мрежи која главно се смета за машка и е една од потешките. Така во стручното училиште „Михајло Пупин“ од вкупно 39 девојчиња кои се запишани во неколкуте струки шест ја избрале струката електромонтер, која влегува во програмата на ЕВН Македонија 20/20/20.
– Од 50 ученици кои се образуваат од прва до трета година во оваа струка, шест се девојчиња. Во прва година има две девојчиња, а во втора се 4. Тие не заостануваат зад машките ученици ни за време на практичната настава – вели Наташа Божиновска, помошничка на директорот на училиштето.
Од првата генерација ученици во дуалното образование која го заврши школувањето осум деца веќе се вработени во ЕВН. Од нив две се девојчиња.
– По завршувањето на тригодишното училиште дел од децата можат да се вработат во ЕВН, а имаат можност и да го продолжат школувањето и во четврта година во другите насоки. Некои од нив по завршување на четиригодишното средно образование се определуваат да го продолжат школувањето на факултет со што целосно се остручуваат и имаме еден целосен профил кој има познавање од сите процеси на работа – вели Божиновска.
За паралелката на ЕВН додава таа, е значајно и тоа што практичната настава се одвива на полигонот во училиштето и во компанијата, а за децата се обезбедени и заштитни средства.
– Практичната обука ја изведуваат ментори од компанијата што им дава сигурност на децата дека она што го вежбаат тука ќе може директно да го практикуваат за време на работењето во ЕВН или во друга компанија – додава таа.
Фиона Мандарова која е сега во втора година во насоката електромонтер на електроенергетски мрежи заедно со уште три други девојки вели дека се одлучила за оваа насока бидејќи има сигурно вработување.
– За овој смер дознав од татко ми. Ги погледнав условите и сфатив дека се добри. По завршувањето на средно има сигурно вработување. Погледнав дека имаме добри услови да учиме и за другите смерови во школото – вели Мандарова.
За неа е добро и тоа што она што го учи и ако се определи да го работи по завршувањето на средното училиште, веќе го вежба и низ практична работа.
Според податоците на Државниот завод за статистика во учебната 2019/20 година од вкупно 69.980 запишани ученици во средно образование 33.683 се девојчиња.
Кога се има предвид средното стручно образование струките кои најмногу ги запишуваат девојчињата се: здравствена, хемиско технолошка, економско-правна и трговска, земјоделско-ветеринарна, прехранбена, геолошко-рударско металуршка, електротехничка, текстилна и графичка струка. Помалку се запишуваат на дрвопреработувачка, земјоделска и кожарска струка. Меѓутоа, ретко или никогаш девојчињата не се запишуваат на градежната струка.