Шекеринска: После 25 години специјалните армиски сили добиваат современа алпинистичка опрема 

Опремата се состои од повеќе делови и тоа: витло за спасување, платнени и метални носилка за луѓе, дупчалки, алпинистички шлемови, ракавици, светилки за шлемови, планински чевли и алпинистички патики, алпинистички појаси и полупојаси, ранци, вреќи за спиење.

213

После 25 години специјалните армиски сили најпосле добиваат нова и современа алпинистичка опрема, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која  заедно со началникот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска присуствуваше на презентацијата  на новата алпинистичка опрема за припадниците на Армијата во реонот на Демир Капија.

Во рамки на презентацијата, се демонстрираше и вежба за пребарување и спасување на тешко пристапен терен во планински услови.






– Денеска ми беше навистина чест што можев да присуствувам на оваа вежба, што ни покажува колку може армијата да помогне тогаш кога ќе ги има вистинските луѓе, но и вистинската опрема. Денеска би сакала со вас да споделам некои информации, од кои најважната е дека после 25 години, специјалните армиски сили најпосле добиваат целосно нова и навистина модерна, современа алпинистичка опрема, којашто ќе значи навистина голема промена и во поглед на вежбањето, но особено во поглед на користењето на армијата во услови на некакви критични ситуации, кадешто е потребна и алпинистичка опрема, но и алпинистички тимови, што би значеле за заштита и спасување на граѓани или припадници на армијата во еден ваков непристапен терен – изјави Шекеринска.

Таа потенцира дека ова е еден од примерите како со вложување во армијата, добиваме и достојна НАТО армија. Во исто време, додаде, добиваме и тимови, луѓе кои ќе се користат во тешки околности, во тешки ситуации, на тешко пристапни терени, да обезбедат и прва помош, да обезбедат и итна евакуација.

На новинарско прашање дали може овие средства да се искомбинираат за други целни намени, да се користат во одредени несреќи, било какви ситуации, таа одговори дека генерално, армијата се опремува за да биде извежбана, за да биде подготвена и за операции, но пред се опремува и вежба за да може да пружи помош на граѓаните на нашата татковина, да пружи помош на сите цивилни институции.

– Јас споменав, ова не се само армиски ресурси. Од денеска, ова се државни ресурси, коишто можат да се употребат во сите ситуации на заштити и спасување. И денеска се договоривме дека уште во текот на следните денови ќе имаме и заеднички презентации и средби со сите институции од системот на заштита и спасување, за да сите знаеме кој со што располага и каков тип на поддршка може да понуди. Армијата и досега е користена за некои вакви операции, меѓутоа веќе со истечени ресурси, со јажиња кои не треба да се користат, тоа беше рискантно и го избегнувавме, рече Шекеринска.

Набавката на алпинистичка опрема, која може да се користи и за спасувачки операции во непристапни планински и карпести терени е прва по 25 години. Се состои од повеќе делови и тоа: витло за спасување, платнени и метални носилка за луѓе, дупчалки, алпинистички шлемови, ракавици, светилки за шлемови, планински чевли и алпинистички патики, алпинистички појаси и полупојаси, ранци, вреќи за спиење.

Со набавката  на самата опрема, единицата (Армијата) е во можност да одговори на сите предизвици и побарување во поглед на извршување на задачи на тешко пристапен терен, а согласно наредбата каде што алпинистички тим е вклучен во барање, спасување и евакуација (БСЕ) на целата територија на државата.

Поврзани содржини