Шекеринска: Како што успеавме со НАТО, така ќе успееме и со коронавирусот
Не дозволувајте лажните информации да им ја одземаат енергијата на институциите кои маки мачат со коронавирусот, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција.
Се соочуваме со голем предизвик, но ова е и моментот кога треба да кажеме дека нешто сме постигналe, а тоа е членството на земјава во НАТО, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција на која присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски, министерот за надворешни Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи.
– Една од лекциите што ги научивме од НАТО е дека успехот не доаѓа со многу зборување и со малку работење. Ние сме со право загрижени поради коронавирусот. Имаме наши граѓани во Авганистан и во Либан, но нивната жртва била влог да станеме членка на НАТО. Првите консултации што ги правеше НАТО за коронавирусот во голема мера ни помогнаа да ги преземеме првите мерки за заштите. Нашата Влада, благодарејќи на препораките на НАТО, беше во ситуација прва во регионот да воведе такви мерки. Не дозволувајте лажните информации да им ја одземаат енергијата на институциите кои маки мачат со коронавирусот. По официјалното членство на земјава во НАТО сите ние очекувавме прослава и големи церемонии, но во моментов треба да им дадеме до знаење на граѓаните дека како што успеавме со НАТО, така ќе успееме да го совладаме и коронавирусот – рече Шекеринска.