Шекеринска има привремен НАТО сертификат, чека да добие нов
Министерката за одбрана има времен НАТО безбедносен сертификат со кој учествува на сите состаноци на Северноатлантскиот Совет во формат на министри за одбрана и има пристап до сите информации неопходни за министер за одбрана на земја членка на НАТО, велат од Министерството за одбрана.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, има времен НАТО безбедносен сертификат, но во завршна фаза е процедурата за издавање нов НАТО сертификат, изјавија за Плусинфо од Министерството за одбрана (МО).
– Министерката за одбрана има времен НАТО безбедносен сертификат со кој учествува на сите состаноци на Северноатлантскиот Совет во формат на министри за одбрана и има пристап до сите информации неопходни за министер за одбрана на земја членка на НАТО. Во завршна фаза е процедурата за издавање нов НАТО безбедносен сертификат – објаснуваат од МО.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве обвини дека двајца министри, првиот човек на МВР, Оливер Спасовски, и на правда, Бојан Маричиќ, не поседуваат безбедносен НАТО сертификат, а денеска, преку ново партиско соопштение беше наведено дека и други функционери не го добиле сертификатот.
Спасовски негираше и истакна дека тој има безбедносен сертрификат од највисоко ниво на доверливост во државата и дека во тек е постапката на добивањето на НАТО безбедносниот сертификат, додека, пак, од владата соопштија дека министерот Маричиќ воопшто и нема потреба од таков сертификат.
Инаку, најголем дел од функционерите кои треба да добијат сертификати од НАТО се вработени во Министерството за одбрана, односно во Армијата на Република Северна Македонија и во Министерството за надворешни работи. Таков сертификат им следува и на оние лица кои учествуваат во нашата делегација во НАТО, односно работат на прашањата поврзани со НАТО, а тука влегуваат и безбедносните и разузнавачките структури.